Политичката партија Левица денеска на прес-конференција соопшти дека започнува со кампања против пописот, која ќе има за цел информирање за недостатоците на истиот, а преку информирање – и целосно делегитимирање на процесот.
Кампањата ќе ја водат под мотото „Не отворам врата“, со што ги повикуваат граѓаните – доколку пописот не биде запрен и одложен за април 2022 година – да го бојкотираат процесот, односно да не им отвораат врата на попишувачите, објасни пратеникот Борислав Крмов. Според него, кампањата против пописот ќе ја водат налик на предизборна кампања, со сите расположиви средства со кои располага партијата.
Покрај одложување, Левица бара и комплетно нов Закон за попис, кој ќе биде донесен со широк консензус од парламентарните партии, затоа што, како што посочи Крмов, сегашниот закон ги поминал сите процедури во кои можеше да се интервенира и ниту еден амандман на опозицијата не беше прифатен. Тој додаде дека Левица ќе го поддржи секој закон кој ќе биде подобар од овој и ќе биде донесен со консензус, без оглед која партија ќе го предложи.
Крмов, на прес-конференцијата, спомена неколку аргументи зошто Левица ќе води ваква кампања:
„Од политички аспект, овој закон беше донесен без политички консензус, беше истуркан насила во Собранието, беше прво пуштен во редовна, а потоа тајно беше пуштен во скратена постапка, без знаење на опозицијата, понатаму сите амандмани на опозицијата беа одбиени.
Овој закон автоматски крши многу од основните принципи коишто се препорачани од Обединетите нации и Евростат. Јас би спомнал неколку: И во законот и во методологијата не се дефинирани личните документи, само пишува ‘соодветни документи’. Понатаму, имаме една многу паушална измислена дефиниција за место на живеење, преку која што се сомневаме дека ќе се врши фалсификатот на пописот, којашто никаде ја нема по стандарди. Понатаму, една од најглавните работи е дека може трето лице да дава податоци – лични податоци значи, коишто се заштитени со меѓународни конвенции – за друго лице“.
Крмов истакна и дека Законот за попис е спорен и од правен аспект.
„Од правен аспект спротивен е на повеќе членови на Уставот. На пример, на член 39, којшто гарантира здравствена заштита на секој граѓанин, и вие во пандемија апсолутно не можете да терате попис. Понатаму, флагрантно го крши член 18, кадешто се гарантира тајност на личните податоци, затоа што, нели, може трето лице да дава податоци.
Во директен конфликт е со барем три специјални закони. Тоа се Законот за управување со кризи, Законот за заштита на населението од заразни болести и Законот за заштита и спасување, со член 206 став 1 од Кривичниот законик, итн.
На крај доаѓаме до пандемијата на Ковид-19; Во ситуација кога имате една од највисоките смртности во регионот, имате огромен број на заболени (по 300-400 дневно) и за утрешниот ден се најавени и рестрикции, вие да туркате ваков процес насила е апсолутно недозволиво и затоа ние ќе направиме сѐ за да го спречиме“, рече Крмов.
Тој ги повика граѓаните да не стравуваат дека ќе бидат казнети доколку го бојкотираат пописот со тоа што нема да им ја отворат вратата на попишувачите:
„Граѓаните апсолутно немаат потреба да се плашат од казни, затоа што Членот 26 од Уставот, којшто гарантира неповредливост на домот, им гарантира дека тие ако сакаат можат да не отвораат врата, а единствен исклучок е со судски налог“.
Одговарајќи на новинарско прашање, Крмов додаде и дека веќе поднеле претставка до Уставен суд.