Левица: ОЈО и МВР јавно да соопштат до каде е постапката за хакирањето на ДИК на денот на изборите

И по повеќе од еден месец, од Основното јавно обвинителство сѐ уште нема информации до каде е предистражната постапка за хакерскиот напад на веб-страната на Државната изборна комисија на денот на предвремените парламентарни избори на 15 јули. Од партијата Левица, меѓутоа, велат дека тоа воопшто не ги изненадува, бидејќи, според нив, е дело на корумпираната спрега на власта каде Јавното обвинителство единствено служи за политички прогони за неистомисленици на новиот режим отсликан во заевизмот.

Од Левица истакнуваат дека изборите на 15 јули ги сметаат за досега невиден скандал во изборната историја на државата:

„Вообичаените тактики како што се изборните опструкции, притисоци, предизборни вработувања, делење ваучери и милионски суми фрлени на поткупи сега беа надградени со хакерскиот напад на интернет-страната на ДИК“, се вели во партиското соопштение.

„Новата Влада составена од амнестирани криминалци, хушкачи на меѓуетнички судири и осомничени во случаи на фамозното СЈО, за врвен државен приоритет го постави рушењето на лажно непознатиот инвеститор кај Мавровка, наместо флагрантното рушење на изборниот процес и загрозување на безбедноста по личните податоци на граѓаните во Избирачкиот список.

Дури и Агенцијата за заштита на личните податоци при вонредна супервизија утврди повеќе повреди на прописите за заштита на личните податоци од страна на Државната изборна комисија, што јасно имплицира дека кај нас институционалните механизми за заштита на критичната дигитална инфраструктура се системски поткопани – со што изборниот процес и парламентарната демократија се претворени во обична фарса и заткулисен инжинеринг.

Прочитајте и:  „Левица“ најави кривична пријава за Гаши поради Предлог-законот за бранители, спикерот ќе бара да заседава Комисијата за деловнички прашања

Притоа, изјавите на Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, дека падот на интернет-страната немало влијание врз изборниот резултат се ноторни лаги, со оглед на скандалозното однесување во целиот процес на оваа висока државна институција, која немаше одговор ниту на прашањето за каква заштита за системот користи. Дополнително, сомневањата дека се работи за координиран напад на службите со цел манипулирање на изборните резултат ги подгрева однесувањето на МВР, кое наместо да постапи по службена должност, чекаше пријава од ДИК која пристигна дури наредниот ден“, реагираат од партијата.

Тие побараа ОЈО и МВР јавно да соопштат до каде е постапката за, како што велат, „очигледниот инжинеринг на денот на изборите, кога за прв пат откако во 2006 година ДИК беше дигитализирана, граѓаните не можеа да го следат броењето на гласовите и резултатите“. Тоа дополнително го поткопува легитимитет на новата власт, чие конституирање беше проследено со низа скандалозни прекршувања на законите и Деловникот, додаваат од Левица.

- Реклама -