Левица: Од утре ништо нема да биде исто, не нѐ изненадуваат обидите за саботажа

Политичката партија Левица на првата прес-конференција по затворање на изборните места информираше за низа нерегуларности што нивните активисти ги забележале во тек на денешниот ден.

Во Општина Штип, според претставникот на Левица – Амар Мециновиќ, имало редица граѓани кои ги немало во избирачкиот список и ги чекале решенијата, но решенијата што им биле издадени се однесуваат на гласање во вториот круг.

– На избирачките места 2708 и 2709 во Општина Аеродром, гласачи недостасувале во Избирачкиот список. Во избирачкото место 2604 во населба Тафталиџе, во Општина Карпош, на една адреса каде што живеат тројца избирачки, дополнително се водат уште тројца во избирачкиот список на кој им било дозволено да гласат. На избирачкото место 0345 во Гевгелија во 11.00 часот при примопредавање на смената новодојдениот член на Избирачкиот одбор констатирал дека кај член кој дотогаш бил задолжен за давање на ливчиња на советничките листи на избирачите има едно извиткано, изгужвано ливче. Ова го забележал и претседателот на Избирачкиот одбор, кој се уште до тој момент не го искористил избирачкото право, па така со уште едно избирачко ливче за градоначалник го искористил извитканото ливче за советничките листи. Сепак новодојдениот член дополнително констатирал дека во купчето на гласачки ливчиња за советнички листи има 98 ливчиња, додека за градоначалници има 99. Претседателот на избирачкиот одбор го пријавил случајот на надлежните органи, изјави Мециновиќ.

– Избирачкото место 2632 во општина Карпош гласачките кутии не биле пломбирани. Избирачкото место 2780 во населба Драчево, Општина Кисела Вода, спречен е т.н принцип на изборна измама „бугарски воз“ од страна на наш овластен преставник, каде што гласач подигнал четири ливичиња, а во кутијата ставил три. Гласањето е прекинато во 12.30 часот и до 15.00 часот уште не било продолжено, рече Мециновиќ.

Од таму додадоа дека нив не ги изненадуваат обидите „за саботажа на изборниот процес и гушењето на волјата на граѓаните затоа што се прикладни за гарнитура кој е во слободен пад и која води кон пораз“.

– Сепак гласачкото тело и покрај сите притисоци и препреки покажа дека е мотивирано и одлучно да ја артикулира својата волја. Од утре нема ништо да биде исто, посочи Мециновиќ.

МИА

- Реклама -