Левица: Народот ја плаќа цената од либерализацијата на електричната енергија

„Енергетската криза прогласена од Владата на почетокот од минатиот месец, наместо 30 дена, веројатно ќе потрае до крајот на грејната сезона, а државата нема конкретна стратегија за надминување на истата, со што останува веројатноста истата да се повторува секоја наредна грејна сезона“, обвинува политичката партија Левица.

„Ако во 2010 година сите македонски производни капацитети произвеле вкупно 6.744 GWh, во 2020 година тоа производство падна на 5.128 GWh, што е опаѓање од речиси 24% за десет години. Ако во структурата на производството пред 10 години државната компанија ЕСМ учествувала со 96%, а приватните производители со само 4%, денес ЕСМ учествува само со околу 70%.

Или, ако се спореди производството само на државните капацитети, во однос на 2010 година, нивното производство опаднало од тогашните 6.476 GWh на денешните 3.643 GWh, што е пад за цели 43.7%“, се наведува во соопштението.

Македонија е земја која е зависна од увоз на електрична енергија, оценуваат од партијата, аргументирајќи дека во 2020 година 69% од потрошувачката на електрична енергија беше обезбедена од домашно производство, а 31% беа обезбедени од увоз. Во однос на 2019 година, увозот е зголемен за 7%. За оваа година, очекувањата се дека овој процент може и да се зголеми, додаваат од Левица.

„Ако на ова се додаде речиси четирикратното зголемување на берзанската цена на електричната енергија, која во јануари се движеше околу 56 евра за гигават час, а сега е над 200 евра, лесно е да се заклучи дека македонското општество во наредниот период ќе се соочи со сериозни предизвици. Деновиве истече и двегодишниот договор со добавувачот, сега наместо по 5 денари за киловат час, струјата ќе треба да ја набавуваме по 26 денари. Правните лица кои досега за електрична енергија плаќале околу 3000 евра месечно, отсега ќе треба да плаќа околу 15 000 евра. Тоа е преголем товар и сериозна закана за нашата рентабилност“, се вели во соопштението.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Од Левица очекуваат вакви примери во иднина да има сѐ повеќе, а зголемувањето на трошоците за струја кај компаниите, потенцираат, секако ќе се одрази со покачување на цената на многу производи, што пак од своја страна ќе предизвика зголемување на инфлацијата и дополнително намалување на животниот стандард.

„Недомаќинско стопанисување управувано од најразлични партиско – кадровски комбинаторики доведе до бројни нереализирани стратегии за енергетика, ненавремените ремонти, дефекти, чести застои, ненавремената набавка на јаглен и мазут, лошото тековно одржување на постројките и исцрпеноста на резервите на домашен јаглен, резултираа со електроенергетска криза. Последиците од оваа криза ги плаќа народот!“, алармираат од Левица.

- Реклама -