Левица најави 61 барања за вонреден надзор поради наводни партиски вработувања во училишта

„Одамна се зборува за партизацијата на јавните служби, и одамна истата состојба сè подрастично се влошува. Секоја промена на власта донесува нови партиски послушници на работни позиции кои честопати се креирани само за исполнување на партиски долг кон нив, што доведува до ново пустошење на буџетската каса, ново нанесување неправда на граѓаните на Македонија кои не можат да добијат квалитетни и навремени услуги од така изобличениот и оптоварен систем.

Со намера што поквалитетно да ги сервисира потребите на партиските послушници, а без најмалку грижа за реалните потреби на граѓаните, на крајот од јуни 2018 година власта направи измени во ЗРО според кои обезбеди вулгарна нетранспарентност при огласувањето слободни работни места, скратувајќи го рокот за огласување од пет на три работни дена, а со цел да се осигура дека не оние кои се способни, туку тие кои се партиски подобни ќе ги пополнат работните места“, обвинуваат од Левица.

Од партијата велат дека ниту ова не ѝ доволно на власта, па деновиве биле објавени огласи за вработување во училишта (над 60 огласи!) во кои не се почитуваат одредбите од чл.23 ст.1 а.6 од ЗРО, односно делот што предвидува огласот да трае три работни денови.

Прочитајте и:  Левица поднесе интерпелација против Илире Даути за блокадата на законот за бранители

„И тоа во исто време кога на министерката на надлежното министерство устата ѝ е полна со приказни за реформи, за кои планира дополнително да ги задолжи граѓаните на Македонија со кредит од 25 милиони долари кај Светска банка, додека во пракса наставата се импровизира, а илјадници деца едноставно се исфрлени од системот за образование“, обвинуваат од Левица.

Како што се вели во соопштението, локалниот огранок на партијата во Прилеп вчера објавил скандалозна фотографија од документ – јавен оглас за вработување (наставник по економска географија), кадешто се гледа дека огласот трае само три дена – и тоа петок, сабота и недела, односно еден работен ден. Трудовиот сектор на Левица, се додава, го истражил случајот и дошол до информации дека има повеќе десетици вакви случаи. Поради ова, најавија од партијата, утре до Државниот инспекторат за труд ќе поднесат 61 Барање за вршење на вонреден инспекциски надзор во врска со кршење на чл. 23 ст.1 а. 6 од Закон за работни односи.

„Оттука, со право можеме да прашаме, што е следниот чекор на патот кон Европа? Да почнат ниту да не ги огласуваат слободните работни места надвор од партиските штабови!?“, прашуваат од опозициската партија.

- Реклама -