Левицa: Мерко ужива статус на султан во струшката околија, неприфатливо е да не е во притвор – како што е досегашната пракса

* Фотографијата е од јуни 2021

И покрај тоа што е отворена предистражна постапка за шест кривични пријави, Рамиз Мерко не е ставен во притвор, како што е досегашната пракса на македонските правосудни органи – обвинува политичката партија Левица.

„По објавата на САД дека струшкиот градоначалник и партиски член на ДУИ, Рамиз Мерко, е ставен на „црна листа“ поради криминалните активности, ревносно се ангажираа и од скопското jавно обвинителство да ги прочешлаат предметите со цел да утврдат дали некој од струшкото обвинителство или суд го штити овој градоначалник.

До Основното јавно обвинителство се доставени шест кривични пријави кои стоеле во нечија фиока за да го спасат од прогон овој градоначалник кој во време на најголема криза си купи ново возило Ауди А6 за службени потреби. Како што известија од Обвинителството, тие исклучително сериозно ги земале во предвид сознанијата на Стејт департментот и од тие причини постапуваат итно по секој предмет.

Сепак, и покрај тоа што е отворена предистражна постапка за шест кривични пријави, Рамиз Мерко не е ставен во притвор како што е досегашната пракса на македонските правосудни органи. Рамиз Мерко, после толку години власт и стекнато богатство, ужива статус на султан во струшката околија. Овој градоначалник е пример дека правдата е слепа кога се во прашање богатите партиски кадри. Додека за сиромашниот граѓанин органите на прогон веднаш би побарале мерка за обезбедување дури и притвор, Мерко е заштитен и продлжува да си ја врши функцијата“, велат од Левица.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Тие „опоменуваат“ дека е неприфатливо градоначалник со толку кривични пријави и индиции за сторени кривични дела сѐ уште слободно да шета без да се преземат мерки, со оглед дека може да влијае на сведоци или да избега од државата.

„Дали обвинителството повторно ќе замижи пред политичкиот имунитет и ќе продолжи со маската која ни ја прикажуваат со години или навистина ќе ги примени сите средства од законот за да обезбеди правда?“, прашуваат од партијата.

- Реклама -