„Почитувани сограѓани, сакаме да ја известиме јавноста дека пратениците на Левица се единствените кои, на вчерашната собраниска седница, не гласаа ЗА измена и дополнување на Законот за финансирање политички партии!“, соопштија денеска од партијата Левица, откако во јавноста предизвика негодување веста дека пратениците од власта и од опозицијата, како ретко кога сложни, изгласале да си ги добијат назад парите кои им беа скратени од буџетот.
Се работи за средствата кои Владата, со Уредба со законска сила, а поради економските последици од корона-кризата, во јуни им ги скрати на партиите, кога наместо 0.15 отсто од буџетот, колку што добиваа претходно, средствата за оваа година им ги намали на 0.04 отсто (односно од околу 320 милиони на нешто помалку од 71.5 милиони денари, или во евра, од вкупно ~5.2 милиони – на нешто повеќе од 1 милион евра). Со новите измени и дополнувања на Законот за финансирање политички партии кои вчера поминаа на Комисијата за политички систем, партиите повторно ќе ги добијат овие околу 4 милиони евра кои им беа скратени.
Според неодамнешното образложение на министерот за правда Бојан Маричиќ, посочува „Фактор.мк“, законот се усвојува за да останеле политичките партии надвор од влијанието на бизнис секторот. Тоа „го оправда“ со тоа што од следната година и во иднина партиите ќе добиваат за 30% помалку пари, што според Маричиќ не е мало намалување.