Левица: Иако бугарските позиции беа јасни и во 2018-та, СДСМ манипулираше дека последна пречка е името

Денешното неусвојување на преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ претставува тотален пораз и фијаско за килавата македонска дипломатија, сметаат од партијата Левица.

„Изминативе триесет, а особено последните три години, сведочиме единствено порази на меѓународно ниво, преточено во откажување од тешко стекнатото право на самоопределување како и ревидирање на историјата, уривање на АСНОМ-ските темели, па сѐ до баналности како брусење шахти за фамозниот датум за влез во ЕУ, кој 30 години никако да пристигне!“, се наведува во соопштението по повод потврденото црвено светло за почеток на преговори од страна на Бугарија.

„Иако уште во 2018 година позициите на бугарските власти беа јасни, како што истакна самата Захариева, сепак корумпираната власт на СДСМ манипулираше, спинуваше и ширеше дезинформации дека последната пречка за влез во ЕУ е откажување од нашето уставно име. Како за македонската дипломатија да не пристигнала изјавата на претседателот на Бугарија, кој во август 2018 година во изјава за медиумите побара анекс на склучениот Договор за добрососедство. Но, што да се очекува од шефови на дипломатија, кои беа јавно објавени во документите на Викиликс како шпиони на други влади што одработуваат за туѓи интереси?

Како и со Преспанскиот Договор, за кој премиерот Заев изјави дека ‘на граѓаните ќе им биде непријатно ако знаат за што гласаат’, така и преговорите со Бугарија се одвиваа без никакви информации за македонската јавност, со празни и полудефинирани позиции на македонската дипломатија, а за шовинистичките барања на официјална Софија граѓаните беа информирани од бугарските и странските медиуми.

Прочитајте и:  Мицкоски: Инсталациите на СДСМ и ДУИ во судството и обвинителството се жилави, борбата ќе биде долга и исцрпувачка

Иако платените новинарски пера и (не)зависните невладини организации се обидуваат одговорноста да ја прелоцираат кон официјална Бугарија, единствениот виновник за денешното вето се режимските политики на СДСМ, кои во обид да приграбаат уште некој ден на власт, ветуваа секакви компромиси и отстапки пред ‘меѓународниот фактор’! “, обвинуваат од Левица.

Како што истакнуваат од оваа опозициска партија, сервилната политика, покрај тоа што ги загрози националните интереси, го задуши и целокупниот потенцијал на државата:

„Сиот овој период на транзицијата, некритички пристап кон ЕУ (НАТО) интеграциите, покрај тоа што ги срози и погази националните интереси на државата, ваквата сервилност паралелно и го придуши целиот човечки, финансиски и институционален потенцијал, кој постоеше во рамките на државата, како неопходност за изградба на свои засебни капацитети врз кои би се втемелил суверенитетот, територијалниот интегритет, како и сето она што претставува државност на една независна и суверена Република Македонија. Таканаречените евро-атлантски интеграции беа само изговор на владејачките елити за нивните лоши политики, корупцијата и отсутвото на било каква визија. Единствено водени од бизнис-интересите, тие ја урнисаа и потчинија Македонија“, се вели во соопштението.

- Реклама -