Левица: Газдите да ја вратат државната помош и да ги компензираат работниците – со камата!

„Политичката партија Левица, како единствен субјект во Република Македонија којшто се залага за правата и интересите на работниците и работничката класа, остро го осудува манипулирањето кон работниците од сите работодавачи коишто по добиената државна помош исплаќале помала плата од законски утврдената!“, реагираат од партијата по завчерашната вест дека стотици работодавачи кои земале државна помош за плати за работниците средствата си ги присвоиле и не ги исплатиле платите, но и по апелот на директорката на УЈП фирмите во најбрзо време да ги исплатат средствата бидејќи во спротивно ќе бидат јавно објавени (но и дека ќе им биде присилно наплатено).

„Додека директорката на УЈП – Сања Лукаревска, (СДС) упатува апели до работодавачите да ги подмират своите обврски кон работниците, во кои се заканува со некаква фиктивна санкција во форма на јавно објавување на фирмите кои не ги подмириле обврските, работниците остануваат оштетени и некомпензирани во целата ситуација, при што се оставени на цедило по којзнае кој пат од страна на државата. Секако, доколку директорката, Лукаревска посветеше помалку време на партиските активности, а повеќе на решавање на проблемите со исплатување на платите на работниците, веројатно немаше да има ваков хаос во државата!“, се вели во реакцијата на Левица.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Левица, како што велат, во име на работниците, бара сите оние работодавачи коишто ја злоупотребиле државната помош да бидат обврзани да ги вратат доделените средства со камата, како и да ги компензираат со камата сите работници коишто биле изиграни во изминатиов период.

Покрај ова, од Левица категорично бараат во иднина државната помош наменета за работниците да им се исплаќа директно на трансакциските сметки на самите работници, а не преку работодавачите, со цел да се спречи ваква злоупотреба на средствата доделени од државата.

„Мора да се стави крај на неправдите коишто се случуваат на работникот, мора да се даде до знаење на сите работници дека Левица е нивниот најголем пријател во нивната борба за достоинствен живот од својот труд!“, додаваат во реакцијата.

- Реклама -