„На денешната Собраниска седница, пратениците од Левица понудија бланко – поддршка за ДПМНЕ да НЕ изгласа претседател на Собранието којшто изминативе години промовира балистички и иредентистички политики, многукратно повредувајќи ги македонските инсигнии.
За жал, партијата која се претставува за заштитник на македонските националните интереси, одби да постави Претседател на Собранието од своите редови, погазувајќи го легитимитетот добиен од македонскиот народ и моќ во законодавниот дом од 58 мандати, одлучи спикерското столче да го поклони на партија која има освоено само два мандати“, соопштија од Левица.
Според нив, партијата предводена од Мицкоски капитулирала пред „Тиранската платформа“ уште на првата собраниска Седница.
„Ова го оценуваме како генерална проба за внесување на Бугари во македонскиот Устав и доспроведување на Софиската платформа, за која вратата ја подотвори квислингшката СДС“, велат од партијата.
Тие нагласуваат дека нивните пратеници биле единствените кои побарале збор, ја проблематизирале и, како што велат, доследно се бореле за промена на оваа одлука, ставајќи ги уште еднаш државните интереси пред сè.
„Нивните гласови беа единствените ПРОТИВ ваквата одлука на новото мнозинство. Само пратениците од Левица ја напуштија седницата и не присуствуваа на свеченото давање изјава на Гаши“, додаваат од партијата.