Црквата ,,Св. Димитрија” во селото Ореовец (прилепско), која е гробиштен храм изграден во 1874 година, претрпе огромни штети по извршено минирање од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, соопштува политичката партија Левица.
„Штетата е настаната по минирањето во непосредна близина од страна на преплатениот од народни пари конзорциум, што предизвикало земјотреси чија последица се одразила и на овој објект. Во Црквата има фрески постари од 150 години – дел од нив изработени на дрво и кожа, кои освен што се од огромно значење за месното население, туку тие претставуваат и богато културно наследство за овој крај.
Од потресите, оштетени и испукани се ѕидовите на Црквата и ако се продолжи со минирање, голема е веројатноста да настанат штети од поголеми размери, што не ја исклучува можноста да се случи и нејзино целосно рушење“, посочуваат од Левица.
Покрај штетата на Црквата, истакнуваат од партијата, од минирањето загрозени се и извори на вода од кои и денес се снабдува Прилеп, оштетени се куќи во селото Ореовец, се крева прашина која поради струењето на воздухот и релјефот на теренот целосно паѓа во Прилеп и прилепските села и се уништуваат ендемични видови на животни.
Прилепчани десетина дена прават протесна блокада на патот кон село Ореовец и не дозволуваат машини и работници да продолжат со минирање и ископување, додаваат од Левица посочувајќи дека и пратеникот од нивните редови – Сашко Јанчев, присуствувал на протестите и дал поддршка на блокадата.
Од Левица потсетуваат дека го блокираа спроведувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ со илјадници амандмани. Сега нивните активисти се подготвени и физички на терен да ја поддржат борбата на граѓаните, порачуваат од партијата.
Фото: Левица