Остануваат уште неколку дена за аплицирање на летната школа за квир млади и стрејт/цис-родови млади сојузниц(чк)и, „Дијалог, сојузништво, акција“.
Летната школа е наменета за ЛГБТИ+ млади, како и стрејт и цис-родови млади кои се гледаат себеси како сојузниц(чк)*и на ЛГБТИ+ заедницата и ќе се одржи во Кратово од 04 до 09 јули. Таа е отворена за млади од 16 до 30 години од територијата на целата држава.
,,Оваа летна школа е исчекор кон градење простор кој е базиран на разбирање на реалностите на ЛГБТИ+ младите, отворање на теми кои се сметаат за контроверзни во формалните образовни контексти, демистифицирање на невистини поврзани со ЛГБТИ+ младите, отворено споделување и можност да се биде ранлив/а преку поддршка и под супервизија на психотерапевт, како и потенцијалот таа ранливост да ја искористиме за нешто што нè спојува, наместо да нè разединува” велат организаторите.
Оваа летна школа се одржува во рамки на проектот „Пристап до правда и човекови права“, поддржан од USAID North Macedonia, имплементиран од Коалиција МАРГИНИ, а во партнерство со ХЕРА, Хелсиншки комитет за човекови права и Здружение за едукативен развој – Еквалис.