Уметничката вредност и посветеноста на Ленче Делова оставија неизбришлив белег во македонскиот театар, освојувајќи ги срцата на сите кои имале чест да соработуваат со неа. Запаметена ќе остане како тивка сила на сцената, уметник со редок интегритет и во театарот и на телевизија. Нејзиното отсуство претставува огромна загуба, а нејзините остварувања – светол патоказ за идните генерации, забележале нејзините колеги во телеграмата со сочувство прочитана на денешната комеморација, која се одржа во Драмски театар Скопје во присуство на семејството, колеги, пријатели и почитувачи.
Во театрографијата на нејзината матична установа останува истакнато дека Ленче Делова, родена на 15 јуни 1948 година, стана професионална актерка на само 16 години. Првпат настапи на сцената во „Богомилска балада“, првата премиера во новата зграда на Драмски, каде остана активна до пензионирањето во 2004 година.
Нејзината обемна уметничка кариера вклучува 63 улоги на матичната сцена, меѓу кои: Џенет („Фармерки“, 1965); Пере („Дундо Марое“, 1966); Перце („Балада за Тил Ојленшпигел“, 1968); Снежана („Пештера“, 1969) и многу други, се до Трајанка („Ни ќар ни зијан“, 1996); Меџ („Гардеробер“, 1996); Марина („Вујко Вања“, 1997); Бабата („Падот на невиноста“, 2002); Мама („Мачка на вжештениот лимен покрив“, 2003); Менка („Чија си?“, 2013).
Ленче беше често присутна во нашите домови преку телевизија, играјќи бројни ликови во серии наменети за деца, како што се „Итар Пејо“, „Ајде да се дружиме“, „Чук, чук, Стојанче“… Исто така се истакна и со улоги во филмовите „Пред дождот“ и „До балчак“.
Таа е добитник на наградата на Град Скопје „13 Ноември“, за улогата на Офелија во „Хамлет“ (1978). На МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2006 година, доби награда за животно дело.
Телеграма за сочувство испратија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура Зоран Љутков, а последен поздрав упати актерот Благоја Чоревски. Во своето емотивно обраќање, тој се присети на заедничките настапи во аматерски театарски предствави уште од својата младост, потсетувајќи се на нивните незаборавни моменти во Хвар, каде Ленче ја доби својата прва награда за актерско остварување на само 14 години.
Директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, се обрати на комеморацијата во име на македонското глумиште, потсетувајќи дека театарот е уметност на мигот, која не преку секоја нова изведба се врежува во нашите срца. Замоли присутните со силен аплауз да се простат од големата уметница, актерката Ленче Делова.
Таа беше погребана во понеделникот, во присуство на семејството, бројните колеги и претставниците на македонската театрална и културна јавност.




