Секој град има своја душа, единствена. Секое место за себе е сопствен свет, кој крие многу приказни кои се случиле низ годините, многу луѓе кое газеле по него, многу тајни сокриени во камчињата. Во оваа статија денеска зборуваме за тоа како некои места и градови во Македонија ги добиле своите имиња. Во поголемиот број од нив стванува збор за легенди кои нашите предци ги прераскажувале едни на други, но сепак, интересно е да се знаат, и да продолжат да живеат и за наредните поколенија.
Скопје
Градот Скопје низ историјата сменил неколку имиња. Неговото античко име е Скупи, во византиските документи е запишан како Скопија, а Словените го нарекувале Скопје, Скопие и Скопље. Има разни легенди за неговото настанување. Една теорија вели дека потекнува од грчкиот збор „скопиа“ и толкувањето како „караула“, поради можното постоење на караула односно “набљудувачница“ на тоа место (скопос значи „гледање“). Уште една приказна за настанувањето на името на градот Скопје е онаа која го “извлекува“ толкувањето на овој збор од “собир“, односно “собиралиште“ и најверојатно го означувало местото каде што главатарите (челниците) на околните места или племиња се собирале повремено за да расправаат за некои заеднички работи.
Охрид
Се прераскажува дека градот го добил името “Охрид” кога самуиловите воини враќајќи се од една тешка битка, изморени и истоштени, качувајќи се по ридот (на кој е денешен стар Охрид) извикувале “Ох, риде; ох, риде”. Со поврзување на овие два збора настанало името Охрид.
Битола
Во текот на историјата, во зависност од владетелите, градот Битола имал многу имиња. Има верзија која вели дека градот Битола името Манастир го добил по една огромна црква која се наоѓала над Битола, кај сегашниот мост викан Црн Мост (турски јазик: kara köprüsü). Во оваа црква можеле да се сместат сите присутни од селското население од битолското поле кои доаѓале за време на празниците да ги вршат верските обреди. Според записите на Марко Цепенков, градот Битола своето име го добил по големопоседникот Тољо, кој имал своја тврдина во близината на денешното битолско село Буково. Во времето кога дошле Турците да го освојат овој дел од Македонија, за да го повикаат на борба големопоседникот Тољо, му велеле „Би Тољо, до би Тољо“, со што според Марко Цепенков од таму потекнува денешното име на градот Битола.
Виница
Името Виница потекнува од зборот ВИНО, бидејќи подрачјето на Виница во минатото било познато по своите лозови насади. На теракотните икони пронајдени на локацијата Виничко Кале името на градот е запишано како Винеа или Винце.Според локалната легенда името настанало во период од неколку сушни години кога наместо со вода, куќите биле градени со вино.
Берово
Жителите на најисточниот град во Македонија раскажуваат две легенди за тоа како настанало името Берово. Според една легенда името доаѓа од сточарот Беро, кој поседувал ливада – Беровска ливада помеѓу селата Робово и Мачево. Втората, и поверојатна верзија е дека луѓето „се береле“, односно се собирале од Малешевијата во Беровската котлина и така дошло до името Берово.
Струмица
И околку етимологијата на Струмица постојат неколку различни теории. Едната вели дека со преселбата на Словените, која се одвивала во периодот од осумдесетите години на 6 век до триесетите години на 7 век, градот доживеал големи разурнувања. На овие простори се населило словенското племе Струмјани, кое го добило своето име по реката Стримон, која тие ја преименувале во Струма. Другата пак е малку поромантична, и според неа, Денешното име Струмица, како што потврдуваат и старите пишани документи на старословенски јазик, се користи од средниот век. Тогашниот римски цезар Тибериј (од кого произлегува името Тивериопол) и го посветил градот на својата ќерка Струма.
Прилеп
Како и за други македонски градови, така и за Прилеп има неколку преданија за тоа како е настанат градот.
Едната од нив вели дека кога луѓето почнале да се населуваат во овој предел, ги „прилепувале“ своите куќи до Марковите кули и потоа се оформила прво наслелба, а потоа и град кој се нарекувал Прилеп.
Второто предание вели дека луѓето што се населувале правеле многу леб, па местото се прочуло како „прилебно место“ (место каде што се прави леб). Според самиот Блаже Конески, името Прилеп е создадено од личните имиња Прилепа и Прилепка кои се дел од руската антропонимија.
Радовиш
Градот Радовиш го добива своето име по убавата кнегиња Рада која живеела тука, која и самата била заљубена во овој град. Поради нејзината убавина и во нејзина чест, градот го носи нејзиното име.
Струга
И за Струга постојат две легенди. Едната вели дека Струга го добила своето име поради отворената географска положба на градот – место каде што постојано „струже“ (дува ветер). Втората легенда вели дека некогаш, одамна, македонските словени Брсјаци и Мијаци во струшкиот регион се занимавале со сточарство и овците ги носеле на стрижење токму на истекот на Црн Дрим од Охридското езеро. Од стрижењето на овците се доаѓа до зборот Струга.
Гостивар
Потеклото на името на овој град е словенско, односно поточно кажано чешко! Имено, во Прага постои цела населба која се нарекува Гостивар – на чешки Hostivar. Чешкиот збор хости всушност означува гости – гостопримливост, добродојденот и слично.
Кочани
За името на градот Кочани постои една легенда кои вели дека многу одамна човек по име Кочо отишол на печалба во Кина, од каде го донел оризот во својот роден крај. Оризот успеал во овој регион а населеното место го добило името Кочани во чест на човекот кој ја донел оваа култура во овој град.
Делчево
Старото име на ово град е Василево. Василево преведено од грчки означува Царево Село. Во турско време, Делчево се нарекувало и Султанија, а по Втората Светска војна, во 1950-тата година, Президиумот на Народното Собрание на НР Македонија донесува одлука Царево Село да се преименува во Делчево, во чест на Гоце Делчев.
Свети Николе
Се смета дека овој град го добил своето име по црквата Свети Никола. Во турско време, во овој град се наоѓале околу 40 цркви, и сите до една биле срушени, освен најубавата – Св. Никола. По неа и го добил градот своето име.
Куманово
За тоа како настанало името на градот Куманово постои само една легенда која е и доста логична. Се смета дека овој град името го добил по племето Кумани кои во 1094-тата година се населиле во овој предел и долго време се задржале во кумановската општина и пошироко.
Велес
Во текот на историјата, градот Велес повеќе пати го менувал своето име, од Вила Зора и Ќупурли до Титов Велес и Велес. За настанокот на неговото име има две легенди.
Едната вели дека името го добил од словенскиот термин „В Лес“ кој означува „во шума“, со што се означувал пределот со густи шуми во близината на ова населено место, а втората легенда вели дека пределот околу Велес, кој бил погоден за пасење на добитокот, го населувале сточарски словенски племиња чии бог на добитокот бил богот Велес.
Дојран
Потеклото на името Дојран се поврзува со една легенда. Кога зимата 1371-1372 турските војски навлегувале во Македонија, стигнале и во Тауријан (Полин). Тие дошле од исток, а бидејќи било зима, езерото било замрзнато и покриено со снег. Турската војска, без да знае, поминала преку замрзнатото езеро и стигнала во градот. Градските првенци, кои ја пречекале војската, прашале од каде поминале, а турскиот војсководец Евронос одговорил: „Ете, овде, преку полето“. Тогаш првенците му кажале дека тоа не е поле, туку дека поминале преку замрзнатото езеро, покриено со снег. Кога го разбрал тоа, Евронос наредил да се направи голема и богата гозба, што на турски значи „дојрумаќ“. Се смета дека од тој збор и по тој случај градот добил ново име.
Гевгелија
Според легендата за градот Гевгелија, некој дервиш, сосема случајно залутал во овој град. Но толку му се допаднал што дури и не сакал да си замине потоа. Мештаните не сакале да го примат странецот во своето родно место па се обиделе да го избркаат. Дервишот повреден и тажен заминал од градот, колнејќи го мештаните. Дури тогаш тие сфатиле дека треба да бидат гостопримливи и го повикале дервишот назад со зборовите гел-гери (ела назад) – од кои подоцна дошол зборот Гевгелија.
Кратово
Кратово го добил своето име благодарение на својата местоположба. Како што сите знаеме, Кратово лежи во вулканска подлога, односно вулкански кратер и од тука доаѓа и името.
Мариово
За потеклото на името Мариово постојат повеќе легенди. Едната од нив вели дека тоа го добило името по убавата Марија која, по долги натегања, заминала во харемот на турскиот бег и се жртвувала за да го спаси целиот крај од потурчување. Другата легенда говори за името Мориово, кое доаѓа од верувањето дека пред многу векови тука постоело море, за што сведочат многубројните карпи кои потсетуваат на школки.
Пелистер
Постојат две легенди поврзани со името Пелистер. Едни велат дека името потекнува од грчкиот збор пелистер што значи гулаб, зошто кога планината се гледа од далеку наликува на гулаб. Другата пак е поврзана со петигличестиот бор – молика, која само тука расте и има пет лисија. Пет-листер, па оттаму Пелистер.