Лефков: Бисера Антоанета со службената картичка во Виена за четири дена потрошила над три илјади евра

За да отпатува во Виена, како што додаде Лефков, поранешната министерка купила повратна авионска карта од Охрид до Виена за 385 евра кои ги платила првo приватно, а потоа од Министерството за култура ги подигнала парите во кеш, како репрезентација

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција излегоа со нови обвинувања за поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, наведувајќи дека таа се луксузирала со народни пари во Виена. Имено, како што објави пратеникот Миле Лефков, Костадиновска-Стојчевска за само четири дена во Виена потрошила над три илјади евра.

„Бисера Антоанета за само четири дена во Виена потрошила 3 061 евро народни пари, за луксуз и раскош. Имено, од 07.12.2023 година до 11.12.2023 година, Бисера Антоанета сама престојувала во Виена, со неа немало придружба од Министерството за култура или владата. Бисера Антоанета во Виена се осеќала како вистинска кралица. Наместо да изнајми хотелска соба, таа со службената картичка со народни пари изнајмила трособен стан од 70 квадратни метри во центарот на Виена. За само четири ноќи Бисера Антоанета платила 1 213 евра или 74 599 илјади денари за трособниот стан. И тоа кога во непосредна близина каде што била сместена има елитни хотели каде ноќевање со доручек чини 9 000 денари, а хотел со нормални карактеристики може да се најде и за 6 000 денари“,

изјави Лефков кој презентираше и документи за кои тврди дека се доказ за неговите наводи.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

За да отпатува во Виена, како што додаде Лефков, поранешната министерка купила повратна авионска карта од Охрид до Виена за 385 евра кои ги платила првo приватно, а потоа од Министерството за култура ги подигнала парите во кеш, како репрезентација.

Лефков ја повика Костадиновска-Стојчевска да одговори што правела во Виена, која била потребата од тоа патување и зошто наместо луксузен трособен стан не изнајмила поевтина хотелска соба.

Претходно од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија поранешната министерка за култура дека во Лондон со државни пари купувалла куфери, подароци и чорапи.

Костадиновска-Стојчевска ги отфрли како лаги и манипулации обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ. Според поранешната министерка, вистината е дека дел од трошоците што биле презентирани се однесуваат на потреба да обезбеди основни услови за нормално функционирање на службено патување на кое авиокомпанијата и го изгубила багажот.

Костадиновска-Стојчевска: Ако се утврди неправилност, ќе одговарам, во спротивно ВМРО-ДПМНЕ ќе добие тужба

- Реклама -