Свесен дека евентуален пораз на неговиот тим ќе значи и елиминација од плејофот и продолжување на неговиот пост без шампионски трофеј, Леброн Џејмс стори сè за да дојде до мајсторка.
Суперѕвездата на Мајами одигра фантастичен меч, реализирајќи 45 поени и 15 скокови, што беше сосема доволно за „Жешките“ да слават на гостувањето против Бостон со убедливи 79:98 и да се изборат за мајсторка во финалето од Источната конференција.
Со овој триумф Леброн стави крај на сопствената серија порази во Бостон, но и на непријатната низа на Мајами Хит од 15 порази на последните 16 меча на гостувањата против големиот ривал.
„Знаев каков меч е пред нас, но и при каква атмосфера ќе играме. Едноставно, ми беше јасно дека имам обврска да ја преземам одговорноста врз себе и го сторив токму тоа. Задоволен сум од начинот на којшто играв, но уште посреќен сум што покажавме карактер и стигнавме до убедлива победа, експресно враќајќи се по оној неочекуван пораз на домашен терен пред неколку дена“ изјави Леброн Џејмс, кој погоди 19 од вкупно 26-те шутеви кон противничкиот кош.
{youtube}z07Se0V0vBo{/youtube}
Рејџон Рондо постигна 21 поен и 10 асистенции за Бостон, Гарнет и Бас реализираа по 12 поени, додека кај домаќините целосно потфрли Пол Пирс, кој погоди само четири од 18-те шутеви од поле.
Објавено во соработка со Екипа.