Мајами Хит славеше со 91:85 над Оклахома Сити Тандер и поведе со 2:1 во финалната серија од НБА лигата.
По оваа победа, „Жешките“ се наоѓаат во идентична ситуација како и минатата сезона, кога во големото финале имаа предност од 2:1 над Далас Маверикс, но на крајот загубија со 2:4. Една од причините за неуспехот во ланското финале беше слабата игра на Леброн Џејмс, но супер ѕвездата на Мајами овојпат делува решено да стигне до својот прв шампионски прстен во кариерата – реализира 29 поени и 14 скока.
„Само се обидувам да му помогнам на тимот. Свесен сум дека минатата сезона не бев на висина на задачата, но тоа е само мотив повеќе за мене годинава да одговорам на предизвикот. Гледам да ја преземам одговорноста и да погодам кога тоа му е најпотребно на тимот“ изјави Џејмс.
{youtube}AGaMz0T9wxM{/youtube}
Оклахома Сити имаше предност од десет поени кон средината на третата четвртина, но тогаш Кевин Дурент ја заработи четвртата лична грешка и беше повлечен од игра. Тој момент ги исфрли гостите од ритам, Мајами се врати резултатски во мечот, а Дурент и по враќањето на теренот не беше премногу опасен по противничкиот кош и го заврши натпреварот со 25 поени.
„Штета е што не победивме. Мразам да седам на клупата, особено поради проблеми со личните грешки. Имавме предност, но Мајами успеа да се врати, меѓу другото и бидејќи игравме наивно во одбраната. Направивме два фаули при нивните обиди за три поени, што е недозволиво“ -критичен беше најдобриот кошаркар на Оклахома Сити.
Објавено во соработка со Екипа.