ЛДП: Симптоматично е што објавата на Касами доаѓа набрзо по барањето за „Заедница на албански општини“

„Во недостаток на идеи и проекти, дел од опозициските партии продолжуваат да играат на картата на национализмот и да се обидуваат да ги влошат меѓуетничките односи и да ги разнишаат европските вредности“, реагираат од Либерално-Демократската партија (ЛДП) на објавата на тетовскиот градоначалник Биљал Касами, во која Тетово го нарече „главен град на Албанците во Северна Македонија“.

Од ЛДП „најостро ја осудуваат“, како што велат, „скандалозната објава“ на градоначалникот и воедно лидер на БЕСА.

„Либерално-Демократска партија упатува порака дека Македонија е мултиетничка држава и Тетово е и ќе биде мултикултурен град, а не главен град на Албанците.

Како либерал-демократи, секогаш приоритет ќе ни биде почитување и обезбедување еднакви права и можности за сите граѓани на Македонија“, се вели во реакцијата.

Симптоматично е, потенцираат од партијата, што оваа објава на Касами доаѓа само неколку недели по барањето за формирање Заедница на албански општини, по теркот на она што се договара за Косово, барање кое дојде од Алтернатива, уште една опозициска партија од албанскиот политички блок.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

Инаку, на фотографиите кои ги објави со спорниот опис, Касами е во друштво на дваесетина градоначалници Албанци од регионот. Како што беше соопштено од Општина Тетово, тој денеска одржал средба со градоначалниците на општините во Косово и градоначалникот на општина Бујановец (Србија), на која се разговарало за „реализација на заеднички проекти и за продлабочување на соработката меѓу нив“.

„Со задоволство денеска во Тетово ги пречекавме градоначалниците и амбасадорот на Албанија во Косово, Ќемал Минџози, со кои веќе имаме многу успешна соработка и сето тоа е во насока на градење мостови на соработка во сферата на економија, образование, култура и спорт. На оваа средба Касами го истакна фактот дека Тетово како важен туристички и економски центар ги нуди сите можности и изразува подготвеност заедно со општините на Косово и Албанија да аплицираат во ИПА фондовите за реализирањето на проекти“, се вели во соопштението.

Касами заедно со делегацијата ги посети Шарена Џамија, комплексот Арабати баба Теќе и други културни објекти.

- Реклама -