На фејсбук-профилот на измамникот Стефан Чернетиќ кој лани беше разоткриен од италијанската полиција во саботата беа објавени фотографии од средба со Заев.
На тој датум, на страницата на Владата, ниту на профилот на Заев, немаше информации за таква средба, што укажува на тоа дека се работело за неофицијален настан.
Чернетиќ објавил фотографии како го одликува Заев со некој орден. Од Владата одговараат дека ваква средба навистина се случила, нагласувајќи дека се работи за неформален настан, но не изнесуваат повеќе детали за тоа.
Минатата година Чернетиќ беше под истрага откако луксузна вила испратила сметка со негово име до нашата амбасада во Италија, на што добиле одговор дека „Македонија нема принц, а уште помалку пак го дели со Црна Гора“.
Чернетиќ цели шест години успешно лажел дека е принц на Црна Гора и Македонија, а всушност е новинар и гастрономски критичар. Тој тврдел дека доаѓа од лозата Чернетиќ и дека покрај Црна Гора и Македонија има задолженија и во Србија, Албанија, Војводина, но и во Константинопол, Романија и во Грција.