Лавров: САД и ЕУ грубо се мешаат во внатрешните работи на Македонија

Во интервјуто за грчкиот „Ефемерида тон синдактон“, објавено денеска, рускиот министер за надворешни работи – Сергеј Лавров, ситуацијата на Балканот ја оценува како „загрижувачка“.

„Гледаме дека НАТО и Европската унија ги интензивираат напорите за понатамошно ‘освојување’ на регионот. Од балканските земји се бара да направат лажен избор: или со Москва, или со Вашингтон и Брисел. Таквите акции доведуваат до понатамошна дестабилизација на безбедносната архитектура во Европа, зголемени тензии, појава на нови линии за поделба“, вели Лавров.

Косово и Србија

Според Лавров, Косово останува главен фокус на нестабилноста. Приштина не само што отворено го саботира спроведувањето на договорите постигнати преку посредство на ЕУ во дијалог со Белград, туку и ги спроведува сите нови провокативни чекори, оценува тој.

„За пет и пол години, ништо не е направено за да се создаде заедница на српски општини во Косово. Премиерот Рамуш Харадинај стави пакет закони во парламентарна постапка со цел да создаде полноправни вооружени сили, што е  спротивно на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, па дури и го заобиколува косовскиот ‘устав’. Јасно е дека тие ќе бидат насочени првенствено против Србите што живеат во покраината, особено во северните региони. На 22 ноември, спротивно на Централноевропскиот договор за слободна трговија, Приштина воведе 100% давачки за стоки увезени од Србија и Босна и Херцеговина“, истакнува Лавров.

Тој оценува дека репутацијата на Европската унија, како и нејзината способност да ги принуди Косоварите да ги исполнат своите обврски – се дискутабилни. Наспроти тоа, политиката на српското раководство Лавров ја оценува како многу одговорна.

Прочитајте и:  ЕУ размислува да го замени рускиот течен гас со американски гас, објави Урсула фон дер Лајен

„Српскиот претседател Александар Вучиќ во неколку наврати истакна дека сака да ги ублажи тензиите: Белград нема да применува реципрочни мерки, со цел да не ја влоши кризата“, вели Лавров.

БиХ

Дестабилизирачка улога се игра и во Босна и Херцеговина. Режимот на протекторатот го поткопува нејзиниот развој, како и процесот на помирување, оддалечувајќи се од строгото спроведување на Мировниот договор. Сега тие се обидуваат да ги дискредитираат босанските избори во Босна и Херцеговина, за да создадат впечаток дека победата на водачот на босанските Срби, М. Додиќ, е нелегална, вели Лавров.

Македонија

Постои грубо системско мешање на САД и на ЕУ во внатрешните работи на Македонија, оценува Лавров.

„Секојдневно нејзините граѓани беа изложени на директна кампања за да се натераат да гласаат на референдумот на 30 септември за прифаќање на Преспанскиот договор. Референдумот, како што знаеме, не успеа. Во таква ситуација, Собранието на 19 октомври ги протурка уставните амандмани преку уцена и поткуп на опозициски пратеници. Непосреден придонес во тоа имаше директното учество на странски дипломати, вклучително и амбасадорот на САД. Сега се прават големи напори за конечно финализирање на договорот во почетокот на 2019-та“, вели Лавров.

„Треба да се истакне дека ова настојување е во полза исклучиво на исполнување на задачата поставена од Вашингтон да се принуди Скопје во НАТО. Шпекулациите околу потребата од прифаќање на Преспанскиот договор во име на забрзана интеграција во ЕУ не држат вода. Преговорите со Брисел на оваа тема можат, според досегашното искуство, да потраат и по повеќе од десетина години“, заклучува Лавров во интервјуто.

- Реклама -