„Мене ми е лично жал ако некој се осетил навреден или повреден или повикан, зашто секој има право да си тумачи, на свој начин да ги глеа работите во јавност на она што ние го кажуваме или покажуваме, така да ја можам да се извинам на тие луѓе кои се осетиле НАВИСТИНА повредени и навредени, но кои и го виделе тоа видео, а не прочитале некој наслов или некој им кажал“, изјави новинарот Драган Павловиќ Латас за ТВ „Канал 5“, откако денеска Основното јавно обвинителство во Скопје против него и против водителот на интервјуто Стефан Лазаров поднесе Обвинителен предлог за „ширење расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство кон жени со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста“.
Во изјавата за „Канал 5“, (првообвинетиот) Латас вели дека е посебно шокиран од барањето за одземање на неговиот пасош како мерка на претпазливост, но и од барањето да нема јавни настапи. Според него, сето ова е хајка затоа што тој, како новинар, ѝ пречи на власта.
Во врска со случката за која раскажуваше во интервјуто, Латас тврди дека не се работело за силување, но тоа, рече, ќе го докажува таму каде што треба.
Во изјавата за „Канал 5“, Латас нагласи дека и во интервјуто зборувал дека токму „брзото стареење на жените во неговото маало“ што тој го забележал додека растел во сиромашна населба, а за кое причината, заклучил, била политиката, бил неговиот мотив да се бави со политичко новинарство.
„Затоа се бавам со политичко новинарство – да им помогнам на жените во моето маало да не стареат. Што значи, жените ми се мотив за бавење со оваа професија, а не предмет на евентуална омраза“, изјави тој (разговорот слушнете го ТУКА).