Светот се наоѓа среде „перфектна бура“ од пораст на стапката на хроничните болести, упорните заразни болести и потфрлувања на јавното здравство, кои допринесоа за големиот број смртни случаи во пандемијата на Ковид-19, заклучува обемна светска студија посветена на човечкото здравје.
Појавата и преклопувањето на пандемијата на коронавирусот со продолжениот глобален пораст во хроничните состојби како обезност и дијабетес, а притоа и со еколошките ризици – како аерозагадувањето, го зголемија смртниот биланс од коронавирусот, се вели во студијата наречена The Global Burden of Disease (GBD), која е една од најдеталните од својот вид.
Објавена во најреномираниот медицински магазин The Lancet, во студијата биле анализирани 286 причинувачи на смрт, 369 болести и повреди и 87 ризик-фактори, во 204 земји и територии, сѐ со цел да се понуди увид во основното здравје на целокупното човечко население и импактот на Ковид-19 врз истото.
„Ковид е акутно влошување на хронична здравствена итност“, вели Ричард Хортон, главен уредник на „Лансет“. Пандемијата на коронавирусот, во комбинација со висока глобална стапка на обезност, дијабетес и други хронични болести, Хортон ја опишува со терминот „синдемија“, пренесува Reuters. Едноставно речено, синдемија е истовремено постоење на две или повеќе епидемии кај населението, кои меѓусебе имаат биолошка интеракција и ја влошуваат тежината на болеста.
Па така, студијата открива дека водечка причина за нарушено здравје кај луѓето на 50 и повеќе години се исхемичните срцеви болести, мозочните удари и дијабетесот. Кај помладите луѓе, на возраст од 10 до 49 години, тоа се сообраќајните несреќи, СИДА/ХИВ, болки во долниот дел на ‘рбетот и депресивните нарушувања.
Студијата заклучува и дека порастот на хроничните болести, комбиниран со неуспехот на јавното здравство да ги превенира ризик-факторите, го оставило населението ранливо на здравствени вонредни состојби како што е пандемијата на коронавирусот.
„Синдемиската природа на заканата со која се соочуваме бара од нас не само да ја третираме секоја од болестите, туку и под итно да ги адресираме социјалните нееднаквости кои лежат во нивната основа и ги создаваат истите“, вели Хортон.
Според него, хроничните состојби како висок крвен притисок, високо ниво на шеќер во крвта, обезноста и високиот холестерол, од кои страдаат милиони луѓе ширум светот, одиграле клучна улога во повеќе од милионот жртви предзивикани од Ковид-19 досега. Овие предуслови, создадени од лоша исхрана и неадекватно ниво на вежбање, ќе продолжат да го обликуваат здравјето во секоја од земјите и откако пандемијата ќе биде сузбиена, предупредува Хортон.