Лана Дел Реј им ја украде крадената песна на Radiohead

Британската рок група Radiohead ја тужи пејачката Лана Дел Реј поради огромната сличност на нејзината „Get Free“ со нивниот хит „Creep“ од 1992 година.

Тоа „нивниот“ е условно речено, бидејќи и Radiohead на времето за малку ќе кркаа тужба кога ја извадија песната на својот деби албум.

Обвинувањата беа упатени од страна на британскиот бенд The Hollies, поради сличноста на „Creep“ со нивната „The Air I Breathe“ од 1974 година. Таа песна е напишана од Алберт Хамонд и Мајк Хејзлвуд, кои по вонсудскиот договор со Radiohead подоцна беа допишани како коавтори на „Creep“.

Во меѓувреме, Лана Дел Реј потврди дека Рејдиохед ја тужат, но негира дека нејзината песна е „инспирирана“ од хитот од ’92-ра.

Според Дел Реј, во месеците кои ѝ претходеле на тужбата Radiohead инсистирале пејачката да им ја исплати целата нејзина заработка од нејзиниот нов сингл, што таа го одбила. Таа, наводно, им понудила 40% (што е чудно, ако стварно не е крадена од нивната), но Radiohead не попуштиле.

Премотуваме до денес, кога работите ќе се решаваат на суд. Судејќи по сличноста меѓу песните, којзнае, можеби Лана Дел Реј ќе треба да ги допише и Radiohead и The Hollies како коавтори на нејзината.

 

- Реклама -