Лајмер не е Марадона, не може да очекува толку висока плата.

Преговорите помеѓу Конрад Лајмер (28) и Баерн за нов договор се на пат до застој, а причината лежи во финансиските барања на фудбалерот. За актуелната ситуација во клубот од Минхен, говореше почесниот претседател Ули Хенес (74).

„Сè што се пишува за неговата наводна плата и барања треба да се погледне во реален контекст. Конрад е играч кој многу го ценам. Тој има важна улога во тимот и придонесува за угледот на клубот. Работи неверојатно напорно, но не е на нивото на Диего Марадона или Хари Кејн. Таквите играчи треба да разберат дека постојат одредени лимити“, изрази Хенес, нагласувајќи дека Баерн веќе му понудил задоволителни услови.

„Многу малку клубови во Европа можат да го понудат она што Лајмер моментално го заработува. Не знам што точно му понудиле Макс Еберл и Кристоф Фројнд (спортски директори), но сигурно не е она што првично побараа неговите менаџери. Тоа не е поврзано со нашата политика, туку со реална проценка на неговата вредност. Да, висока е, но тој не е Хари Кејн“, додаде Хенес.

Прочитајте и:  „ПСЖ има историска можност да се приклучи на елитата“

Според достапните информации, главниот проблем е разликата во очекувањата. Лајмер наводно бара околу 15 милиони евра годишно за да го продолжи договорот, што е околу пет милиони повеќе од понудата на Баерн.

Конрад Лајмер, фудбалер од Австрија, ја започна својата кариера во фудбалската школа на РБ Салцбург. Неговата кариера продолжи во РБ Лајпциг, кој го донесе во 2017 година за седум милиони евра. Во 2023 година се пресели во Баерн како слободен играч, а неговиот договор важи до летото 2027 година, кога би можел да си замине без обештетување.

Со 43 настапи, три гола и 12 асистенции оваа сезона, тој се покажа како клучен играч за тренерот Венсант Компани. Вкупно, одигра 132 натпревари за годишниот шампион, освојувајќи три трофеи со клубот. Во дресот на австриската репрезентација има 56 настапи и седум гола, а „Трансфермаркт“ ја проценува неговата вредност на 32 милиони евра.

Foto/ Depositphotos