Македонската продуцентка и актерка Лабина Митевска е добитник на годинашната Еуримаж награда за меѓународни копродукции од „Еуримаж“ и Европската филмска академија.
Лабина Митевска е еден од основачите на семејната продуцентска куќа „Сестри и брат Митевски“ од Скопје.
Оваа награда, според жирито, ѝ се доделува на Лабина Митевска како почит кон дарбата на една семејна продукција, страстно посветена на европската кинематографија.
„ Се наградува мајсторската изработка на високо квалитетна кинематографија постигната преку бројни извонредни меѓународни копродукции кои се гордост на фондот Еуримаж“, се вели во соопштението.
Еуримаж наградата за меѓународни копродукции ја доделува Европската филмска академија во соработка со „Еуримаж“ заедно со фондот за поддршка на културата на Советот на Европа. Наградата, како што се наведува, ја потврдува клучната улога на копродукциите во зајакнувањето на меѓународната размена и претставува награда од национален интерес за македонската кинематографија.
„ Да се добие оваа награда е потврда на повеќегодишниот, повеќедеценискиот труд на највисоко професионално ниво. Ова е доказ за изградената врвна репутација на Лабина Митевска како бескомпромисен борец за филмската уметност, за почитта која ја ужива од колегите во Европа, без дамка во својата кариера и пример за професионалност и посветеност. Наградата се доделува од најистакнатите и најзначајните филмски асоцијации во Европа и воедно се награда и за македонската кинематографија“, изјавија од продукцијата
Од продукцијата посочуваат дека копродукциите се неминовност за филмската продукција во Европа и Лабина во својата забележителна продуцентска кариера има остварено успешна соработка со доверливи соработници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Франција, Белгија, Германија, Шведска, Данска, Турција, Романија. Потенцираат дека речиси сите филмски проекти на кои има работено и како мнозински и како малцински копродуцент се избрани во селекциите на трите најголеми филмски фестивали Берлин, Венеција, и Кан и се наградувани и прикажувани ширум светот.
„ Светлината на оваа награда нека биде патоказ во овие мачни времиња низ кои проаѓаат филмските професионалци во Македонија и потврда дека со чесност, посветеност, одговорност и многу многу труд сѐ е можно. Оваа награда е уверение дека и припаѓаме на Европа кога работиме европски“, изјави Лабина Митевска
Лабина Митевска ќе биде почесен гостин на гала приемот на 37. Европски филмски награди на 7 декември во Луцерн, каде лично ќе ја прими доделената награда. Церемонијата на Европските филмски награди е овозможена од Европската филмска академија и Европски филмски награди Продукција гГмбХ.