КЗБ во понеделник ќе одлучува за нови мерки, можни се рестрикции на движење во текот на едно деноноќие, попладне или за викенд

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на состанокот со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, и д- р Сузана Маневска, на кој телефонски се консултираа со сите членови на Комисијата, попладнево одлучија дека нема да дадат препорака за нови рестриктивни мерки, информираат од Министерството за здравство.

Комисијата за разгледување на нови дополнителни мерки ќе одлучува на состанокот в понеделник, за да се даде време да се утврди дали мерките кои се веќе на сила даваат резултат.

Од Министерството потенцираат дека Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку е потребно после викендот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд.

И денеска министерот Венко Филипче го повтори ставот дека доколку мерките кои се на сила доследно се почитуваат би дале исти резултати како што би дал и полицискиот час.

Оттука, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести апелираат на целосно и доследно почитување на мерките кои се на сила како забрана за работа на угостителски објекти после 21 часот, групирање повеќе од 4 лица во текот на 24 часа како и максимално почитување на протоколите на сите економски оператори.

- Реклама -