„Сигналите од Брисел се јасни – имаме поддршка и европските институции и земјите-членки на ЕУ немаат никаква дилема дека Македонија ги исполнила критериумите и заслужува да отпочне преговори. Исто така, важно е да се потенцира дека црвените линии се поставени – за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик не се преговара“, изјави портпаролката на СДСМ – Богданка Кузеска, во вчерашната емисија „Само вистина“ на ТВ „Канал 5“.
Кузерска потсети дека Владата, предводена од премиерот Зоран Заев, во изминативе два дена била во дипломатска офанзива.
„Она што е важно е да се водиме по фактите. Факт е дека сме членка на НАТО, факт е дека имаме македонски идентитет забетониран и признати сме со македонски јазик во целиот свет и така сме земја членка на НАТО алијансата. И не знам зошто би требало да постојат дилеми за македонскиот идентитет и јазик, кога веќе тоа многу пати се докажа дека тоа се црвените линии преку кој што никако оваа Влада предводена од СДСМ не преминува“, рече Кузеска.
Портпаролката на СДСМ, истовремено, ја обвини опозицијата која, според неа, седи настрана и се моли за неуспех.
„Во овие два дена ВМРО-ДПМНЕ можеше да даде поддршка на лавовската борба која што ја имаше премиерот Заев и останатите владини претставници со него, во Брисел. Тој ја претставува државата и тие можеа да се согласат дека ги поддржуваат црвени линии“, истакна Кузеска.