Курти за средбата со Рама и Таравари: Мора да бидеме еден за друг

Премиерот на Косово Албин Курти денеска преку објава на Фејсбук порача дека Албанците мора да застанат еден до друг, за развој, демократизација, реформи, напредок и благосостојба, објавувајќи при тоа фотографии од вчерашната средба со премиерот Еди Рама и со лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари.

Курти, кој учествуваше на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан и високи претставници на администрацијата на САД и ЕУ што се одржа вчера во Скопје, првпат по подолг период можеше да се види седнат заедно на блиска средба со Рама, со кој имаа заладени односи.

-Во Скопје, на маргините на регионалната лидерска конференција за Планот за раст на ЕУ, заедно со премиерот Рама се сретнавме и разговаравме со Арбен Таравари, претседател на Алијансата за Албанците. Албанците, повеќе од среќа, имаат историска и национална свест со јасна евроатлантска ориентација и градење сојузи засновани на вредности и верувања, наведува Курти во објавата на социјалните мрежи.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

Косовскиот премиер нагласува дека „често имаме слични и заеднички предизвици“.

– Услугата кон граѓаните секогаш треба да биде непоколеблива цел на политичкиот ангажман. И на патот напред, мораме да застанеме еден до друг, за развој, демократизација, реформи, напредок и благосостојба, порачува Курти.

Вчера за средбата реагираше и Таравари кој на социјалните мрежи објави фотографија од средбата и кусо напиша: „Добри времиња! Кон Европа!“.

- Реклама -