Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека нападот во неделата на северот на Косово не е граѓански отпор или дело на банди, туку напад на вооружени паравоени формации опремени и подготвени од Белград.
Во интервју за Ал Џезира, Курти наведува дека очигледно нападот бил извршен по наредба на Србија.
На прашањето дали косовските власти имаат разузнавачки информации за нови напади, Курти одговори дека има многу информации и дека тие „вооружени групи“, на кои, како што рече, српските вооружени сили им обезбедуваат опрема, оружје и муниција, постојано се вежбаат во близина на границите на Косово и „се подготвуваат за војна“.
„Не е исклучена повторна агресија“, рече Курти, додавајќи дека Србија сакала војната да започне во неделата, на 24 септември.
Тој го обвини Белград и вооружените групи дека сакаат да го повторат сценариото она започнувањето на војната во Сараево.
Според Курти, претседателот на Србија – Александар Вучиќ, и потпретседателот на Српската листа – Милан Радоичиќ, кои, како што рече, ја презедоа одговорноста за нападот на северот на Косово, се „Слободан Милошевиќ и Жељко Ражнатовиќ Аркан“, кои сакаат да го врати регионот во 90-тите.
Тој вели дека „паравоените групи“ во Косово се поврзани и со групи од Русија, како што е Вагнер, при што Вучиќ и Радоичиќ ги нарече „Путин и Пригожин“.
Косовскиот премиер го обвини Вучиќ дека „сака нова војна и геноцид, бидејќи сака Република Српска на Косово“.
„Како што Русија на почетокот водеше хибридна војна во Украина, Србија тоа го прави против нас“, изјави Курти за Ал Џезаира.
МИА