Курти: Србија сака да ја продолжи војната што ја загуби во 1999 година

Косовскиот премиер Албин Курти вели дека Србија повторно се заканува со војна и со најавите за враќање на нејзината војска во Косово сака да ја продолжи војната која ја загуби во 1999 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред новинарите по денешната седница на Советот за безбедност на Косово, Курти изјави дека состојбата во северно Косово и натаму е напната, и покрај вчерашната одлука на косовските власти да ги одложат градоначалничките избори во тамошните општини со мнозинско српско население.

„По 23 години од завршувањето на војната во Косово, Србија повторно се заканува со војна и со враќање на нејзините војници, кои извршија геноцид во Косово. Белград зборува и се однесува како пред 23 години и е воден од една иста политичка каста, од поранешниот министер и поранешниот портпарол на партијата на (Слободан) Милошевиќ. Србија не крие дека бара враќање во Косово, значи сака да ја продолжи војната што ја загуби со тогашното потпишување капитулација во Куманово, на 9 јуни 1999 година“, изјави Курти.

Тој порача дека за Косово владеењето на законот е неспорно и ги повика косовските Срби да ги изберат своите претставници кои ќе бидат дел од неговата влада.

„Сме кажале и порано, а повторуваме и сега дека Владата е заинтересирана за дијалог и за соработка со припадниците на српската заедница во Косово, кои имаат права што треба да ги користат. Ние сме најдемократската и најпрогресивната влада во регионот, сакаме Србите да ги изберат своите претставници, да седнат покрај нас во владиниот кабинет и заедно да носиме одлуки за граѓаните на Косово“, рече Курти.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Според косовскиот премиер, интеграцијата на северот на државата, населен со мнозинско српско население, не се случи ниту по прогласувањето на косовската независност ниту по дијалогот на претходните власти, кој според него бил само „компромис со криминалните банди диригирани од Белград“.

„Со криминалци како (Милан) Радојчиќ и (Звонко) Веселиновиќ се договараше и формирањето влада на Косово и купувањето мир на северот на земјата, откако потпишаа дека Безбедносните сили на Косово (ФСК) нема да се испраќаат таму, се толерираше шверцот, гласањето на српски избори, српскиот динар, нелегалните таблички, неплаќањето ниту локални ниту централни такси, неплаќањето на сметките за вода, за струја и така натаму“, изјави Курти.

Тој информира дека на денешната седница на републичкиот Совет за безбедност се одредени посебни задачи за Министерството за надворешни работи и за Министерството за внатрешни работи, заради справување со настанатата ситуација во северно Косово.

„На седницата на СБ расправавме и дојдовме до заклучоци за потребата од зголемена будност и готовност во сите институции, со посебни задачи за МНР и МВР, со цел да се воспостави мирот, законитоста и уставноста. Ние не сме против никого според неговата етничка припадност, туку само според неговиот однос, индивидуалното и групното однесување во однос на законот“, изјави Курти.

МИА

- Реклама -