Косовскиот премиер Албин Курти изјави денеска дека дијалогот меѓу Косово и Србија не може да продолжи како ништо да не се случило, по нападите од 24 септември во Бањска во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
На средбата со претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Парламент, Михаел Рот, Курти порачал дека пристапот кон дијалогот треба да биде избалансиран и целосно да се имплементираат Основниот договор и неговиот анекс.
– Во однос на процесот на дијалог со посредство на Европската унија, премиерот Курти рече дека тој не може да продолжи како ништо да не се случило. Следното поглавје од дијалогот за нормализација треба да ја земе предвид агресивната акција на Србија преку терористичкиот напад на 24 септември, за што има доволно докази и факти за вмешаноста на Србија. Пристапот кон процесот мора да биде избалансиран, да се почитува и целосно да се имплементира Основниот договор и неговиот анекс, се наведува во соопштението на Кабинетот на премиерот.
Курти нагласил дека „Србија треба да се повлече од јавното и фактичкото отфрлање на деловите од Основниот договор кои се поврзани со де-факто признавањето на Косово“ и на неговиот територијален интегритет.
На средбата во рамки на Самитот на Берлинскиот процес, Курти и Рот разговарале и за членството на Косово во меѓународните организации и за билатералните односи меѓу двете земји.
– Премиерот Курти му се заблагодари на г. Рот за континуираната поддршка од Германија како и од него лично за Република Косово. Ова беше втора средба меѓу двајцата, по онаа во Приштина на 11 септември, се вели во соопштението.
МИА