Курти: Да се дозволи носењето шамии и верски симболи за лица над 16-годишна возраст

Приштина, 12 август 2022 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека во Косово не треба да има забрана на шамиите и на другите верски елементи во јавниот живот на граѓаните, јави дописникот на МИА од Приштина.

Сепак, Курти смета дека прагот за дозволување на носење на шамиите во училиштата треба да биде 16 години.

„Мој став е дека не треба да има забрана на шамиите и на другите верски елементи во јавниот живот на граѓаните, туку треба да имаме слобода во тој поглед. Меѓутоа, исто така сум кажал и порано дека 16-годишната возраст треба да биде прагот, и таа возраст ја гледаме како праг за многу други работи“, рече Курти во обраќањето пред новинарите по денешната посета на Царините на Косово.

Косовскиот премиер смета дека и возраста на која лицата ќе се стекнат со право на глас тгреба да биде 16 години.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

„Со оглед дека можеш да добиеш лична карта на 16-годишна возраст, ако системот ти дозволува венчавање на 16 години, со оглед дека просечната возраст е 35 години и две третини од населението се под 35 години, мислам дека во иднина не би било лошо и возраста за право на глас да биде 16 години“, изјави Курти.

Во косовската јавност во тек е обемна дебата околу тоа дали треба на девојчињата и девојките да им се дозволи носење шамии на училиште, а во социјалните мрежи е покрената голема кампања со барање да се укине административната одлука која е во сила и која тоа го забранува.

- Реклама -