Кумановскиот градоначалник ќе го врати орденот што го добил од Каракачанов, но заедно со протестно писмо

„Орденот ‘100 годишната од Првата светска војна’ што го добив во 2018 година од страна на министерот за одбрана на Република Бугарија – Красимир Каракачанов, ќе му го вратам назад заедно со протестно писмо поради изјавите кои не водат кон добри меѓусоседски односи“, соопшти на Фејсбук кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

„Овој орден ми го врачија по повод заедничкото чествување на 22.10.2017 година на битката на Страцин каде во Октомври 1944 година партизанските единици од НОБ, кумановската дивизија и бугарската армија водат борби со германските војски кои ја штитеа одстапницата на германската Е Армија во овој дел на Македонија, датум и жртви вредни за заедничко чествување и почит“, објаснува Димитриевски.

„Ако разговараме за помирување и смирување на односите, заедничко чествување на настани кои нѐ обединуваат како народи, недозволиво е во 21 век да има претставници во Влада на земја членка на ЕУ со изјави кои се со заканувачки и омаловажувачки карактер по националниот идентитет на соседите. Нема да дозволиме да се поминат црвените национални граници, особено кога тука, по однос на ова прашање имаме национален консензус и поддршка од сите етнички заедници. Никој нема право да го оспорува нашиот идентитет и наместо да се гледаме во историјата, потребно е да се насочиме кон иднината“, пишува одликуваниот градоначалник.

Притоа, тој посочи дека оваа Влада покажала дека води политика на меѓусоседски односи кои промовираат европска политика, напредни сфаќања и просперитет, но изрази и голема доверба во премиерот Зоран Заев:

„Сигурен сум дека премиерот знае како да се справи со секоја ситуација. Досега покажа дека знае да биде трпелив и да покаже дека со вистински решенија доаѓаат вистински одлуки. Не се сомневам дека и во овој случај тоа ќе биде така“, додаде Димитриевски, потенцирајќи дека неговиот гест е личен и директно насочен кон, како што вели, „популизмот и двојниот пристап на г-дин Каракачанов“, а ниту во еден момент не е насочен кон граѓаните на Република Бугарија или кон нејзините одбранбени сили кои, истакна кумановскиот градоначалник, ги смета за пријателски и братски народ на македонскиот.

- Реклама -