И полициските службеници од кумановската полиција при проверка не забележале плоча во село Сопот, соопштија денеска од СВР Куманово. Оттаму додаваат дека не пристигнала пријава од општината за објектот во село Сопот каде што викендов беше промовиран меморијален комплекс.
„До СВР Куманово нема доставено пријава од страна на општина Куманово во врска со поставена плоча во село Сопот. Од страна на СВР Куманово извршена е проверка при што во моментот на пристигнување на полициските службеници на самото место таква плоча не е забележана“, соопштија од СВР Куманово.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, вчера кажа дека целиот објект е дивоградба, изграден на државно земјоделско земјиште и најави кривична пријава, дополнувајќи дека Општина Куманово нема издадено никаква документација во врска со градба на објектот. Од страна на надлежна инспекциска служба бил направен записник кој, како што посочи Димитриевски, е насочен кон непознато лице, бидејќи од присутните лица таму никој не се пријавил дека е инвеститор или, пак, сопственик на објектот.
„Во рок од три дена додека трае постапката паралелно ќе доставиме пријава и до полиција да се открие НН сторителот на ова кривично дело и веднаш по затворање на записникот и истекот на рокот ќе биде процесуирана кривична пријава против сторителот, во овој случај НН лице“, изјави вчера Димитриевски.
МИА