„Културно-уметнички работници“ на 25 мај одбележуваат 25 години постоење

Во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 20 часот рок групата „Културно-уметнички работници“ ќе одбележи 25 годиби активна работа. Јубилејот ќе биде одбележан и со публикување на новата плоча со наслов „25 Мај“ – концертен албум со „бест оф“ материјал на бендот, снимен во живо на 25 мај 2021 година во киното „Фросина“ во МКЦ. Тон-снимател на албумот е Ненад Трифуновски Трипе, миксот и мастерингот се на Дени Крстев од студиото „1060“, а издавачи се „Корпус деликти рекордс“ и „Кичма рекордс“. Kонцертот се реализира со поддршка на Министерството за култура.

Во својата 25 годишна кариера, „Работниците“ имаат објавено 6 студиски албуми, 1 анплагд албум, а концертниот албум „25 Мај“ ќе биде нивно првио издание објавено и на плоча. Покрај тоа сите изданија на бендот се дигитално објавени и може да се преземат од платформата Бендкамп, а може да се преслушуваат и на сите останати стриминг платформи. На концертот „Работниците“ ќе се претстават со двочасовен сет и репертоар од сите нивни изданија.

Групата „Културно уметнички работници“ постои од март 1999 година. Формирањето на овој состав е резултат на големото дружење во Кафе барот „Браво“ помеѓу членовите на групите „Тотално опуштање“, „No Name Nation“, „Бомбашки процес“, „Жолтица на бродот Баунти“ и „Рок агресори“. Членовите на овие групи решија заеднички, со здружени сили да придонесат за промовирање и ширење на рок културата во Македонија. Од 1999 година, кога е формирана, па се до сега, групата „Културно уметнички работници“ има одржано голем број на самостојни концерти и има свирено на сите позначајни фестивали во Македонија и регионот.

Фото: Зденко Петровски

- Реклама -