Лефкада е остров што изобилува со убавини, за чие истражување не би било доволно ниту една година. А, доколку сакате да истражите поголем дел од островот во само еден одмор, тогаш ќе ви биде потребна добра организација…
За разлика од Скијатос, Лефкада е доста поголем остров, со претежно планински предели, така што транспортот од едно до друго место е малку потежок. Првата опција за разгледување на сите поважни места е секогаш рент-а-кар. Но, цената по ден, во врвот на сезоната е 60 евра, ако отидете директно во некоја од компаниите, т.е. 40 евра ако побарате автомобил од претставникот на агенцијата (една Србинка што се вика Наталија и ќе ви ги објасни сите детали при ориентацијата). Моторче може да се најде и за околу 20 евра.
Но, доколку не носите возачка со себе, премногу ви е скапо или едноставно не сакате да возите по планинските патишта (кои на некои места имаат прилично сложени кривини), тогаш на располагање ви остануваат јавниот превоз, такси превозот и бротчињата.
Такси превозот чини по приближно 1 евро на километар. За локална употреба тоа не е скапо, но доколку на пример сакате да отидете од Василики до главниот град Лефкада, треба да имате на ум дека се работи за преку 35 километри во еден правец или од Васили до плажите на западниот брег (Порто Кацики, Егремни, Катизма) најмалку 20 километри. Откако ќе пресметате, сфаќате дека таксито воопшто не е исплатливо.
Јавниот превоз не е скап (билетот за целата должина на островот, т.е. Василики – Лефкада чини 3,4 евра), но постои друг проблем, а тоа е возниот ред. Во периодот кога ние се најдовме таму, во врвот на сезоната, автобусите беа најчести, а сепак, се работеше за неверојатно лош распоред на линии. Имено, првиот автобус од Василики тргнуваше во 7.15, а вториот дури во 11.30, кога веќе станува многу топло. За назад, линиите сообраќаа во 10 часот, 14.10, 15.30 и последниот во 19.30 часот. Поради тоа, автобускиот превоз е во ред за посета на главниот град, но не и за посета на плажите на западниот брег.
На крајот тука се бротчињата, кои функционираат и како такси превоз, до најпознатите плажи, но и како можност за одење на прекрасни тури со најразлични дестинации. Цените се различни, во зависност од тоа каде одите. На пример, од пристаништето во Василики постои такси-брод, кој за 6 евра во двата правци ве носи до една од најчистите и најубавите плажи на островот, Агиофили. Првиот тргнува во 10 часот, а последниот за назад е во 18.30. Во меѓувреме има бротчиња на секој час, а вие можете да се вратите во кое било време. Оваа опција не е достапна за оние што се сместени во местата на источниот брег, од каде што посетата на која било поубава плажа ќе чини многу повеќе.
Освен во август (кога полицијата го забранува тоа поради големи гужви на плажите), од Василики оперираат и повеќе тури со бротчиња кои ве носат на сите најпознати плажи на островот, за 12-13 евра. Турите траат од 9 часот до зајдисонце.
Па, со оглед на тоа што одбравме одмор со помалку истражување, а повеќе уживање, без превозно средство на располагање, Василики се покажа како идеално место, од каде што се отвраат повеќе можности за користење на бротските услуги. Исто така, ова мало место има неверојатен шарм и огромен избор на прекрасни локали поредени по пристаништата, но за тоа повеќе во наредните постови…
Кога станува збор за локалните жители на Лефкада, тие имаат доста различен менталитет од останатите Грци. Тука останале траги од власта на Италијанците, Британците и Французите, што се забележува во нивниот меѓусебен однос, во архитектурата, во јадењата, во начинот на кој ги третираат гостите итн. Во текот на целиот одмор немаше ниту еден случај во кој се почувствувавме непријатно, а сите луѓе со кои дојдовме во контакт беа топли и гостопримливи. Речиси сите угостители и продавачи разбираат англиски (до одредена мера), но секако дека ќе се соочите и со ситуации кога некоја келнерка ќе ви каже дека мора да го викне шефот, за да се разберете.
Знаците и патоказите најчесто се двојазични (што е малку чудно за Грција), а дури и ако се изгубите, секогаш можете да прашате некого, бидејќи локалците се расположени за разговор и за помош.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk