Култниот „Андалузиски пес“ на Буњуел го отвора 4. издание на Фестивалот на нем и класичен филм во Кинотека

„Андалузиски пес“ во режија на Луис Буњуел, едно од највлијателните дела во историјата на кинематографијата на 10 септември ќе го отвори четвртото издание на Фестивалот на нем и класичен филм во Кинотека на Северна Македонија.

Проекцијата на филмот има музичка придружба во изведба на пијанистот Милош Станојевиќ, еминентен српски пијанист и добитник на повеќе награди на државни натпревари во Србија.

Една од најиконичните сцени во историјата на киното – кога млад човек сече око со брич, паралелно со слика на облак што „сече“ Месечина, со која почнува филмот, е пример за иновативност и креативност, бидејќи „Андалузиски пес“ не е само филм, туку искуство кое продолжува да инспирира и кое и денес останува актуелно и провокативно.

Прочитајте и:  Македонскиот краткометражен филм „Сценариото“ на Александра Кардалевска ги освои светските филмски фестивали

Провокација, креативност и иновативност не им недостига ниту на останатите автори чии дела од француската, германската, литванската и шпанската кинематографија ќе може да се проследат на Фестивалот до 16 септември.

Реализацијата на Фестивалот на нем и класичен филм е поддржана од Амбасадата на Шпанија во Македонија, од српскиот културен центар во Скопје –  „Спона“, Гете-институт Скопје, ФАМЕ’С Институт.

- Реклама -