Кулеба повика НАТО членките побрзо да достават оружје во Украина

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, денеска во Букурешт апелираше до членките на НАТО побрзо да достават оружје и друга помош за неговата земја.

За време на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Кулеба рече дека претходниот пат кога апелирал до Алијансата рекол „оружје, оружје, оружје“, а дека денеска во Букурешт дошол со порака „побрзо, побрзо, побрзо“.

„Ние сме благодарни за сè што е направено досега, но мора да продолжиме да се бориме. Докажавме дека можеме да ја победиме Русија, но одлуките за оружјето, за новите линии на производство на оружје и за неговата испорака мора да се носат побрзо“, рече Кулеба на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО.

Кулеба, исто така, укажа на значењето на другите форми на западна помош, првенствено агрегати, бидејќи Украина има големи проблеми со снабдувањето со електрична енергија по руските напади врз цивилната инфраструктура.

Столтенберг рече дека сојузниците се согласиле дека е неопходно да се зголеми поддршката и повтори дека ќе бидат со Украина сѐ додека тоа е потребно.

Шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО денеска во Букурешт тоа и го ветија – дека ќе ја засилат поддршката за Украина и ќе помогнат во поправката на нејзината енергетска инфраструктура под налетот на руските напади кои го прекинаа и го прекинуваат снабдувањето со струја и греење за милиони Украинци.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

„Руската агресија, вклучувајќи ги нејзините актуелни и бескрупулозни напади врз украинската цивилна и енергетска инфраструктура, лишува милиони Украинци од основните човечки услуги“, се наведува во заедничката изјава на министрите по првиот ден од нивната средба во Букурешт.

„Ќе продолжиме и дополнително ќе ја зголемуваме политичката и практичната поддршка за Украина додека таа продолжува да го брани својот суверенитет и територијален интегритет… и ќе ја одржиме нашата поддршка доколку е потребно“, додаваат министрите во својот заеднички став по првиот ден од средбата.

Министрите соопштуваат дека остануваат цврсти во нивната посветеност на независноста на Украина и никогаш нема да ги признаат нелегалните анексии од Русија.

Тие, исто така, ја потврдија одлуката донесена на самитот на НАТО во 2008 година – дека Украина на крајот ќе стане членка на Алијансата.

Генералниот секретар, Јенс Столтенберг, додаде дека сојузниците нема да отстапат и го повтори ставот дека не треба да се дозволи победа на Русија, бидејќи тоа, како што вели, ќе испрати сигнал до авторитарните режими дека можат да ги постигнуваат своите интереси преку употреба на сила. „Поддршката за Украина е во интерес на безбедноста на НАТО“, заклучи Столтенберг.

Извор: МИА

- Реклама -