Кулеба и Дендиас прес одржаа во скривница: „Русија нека ракетира колку сака, нека мобилизира и затвореници, пак ние ќе победиме“

„Русија може да лансира колку проектили и да сака, може во Украина да испраќа војска што ја мобилизира од затворите, но ние ќе победиме“, порача министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, по средбата со неговиот грчки колега Никос Дендиас за време на прес конференцијата во Киев, која поради сирените се одржа во скривница, јави дописничката на МИА од Атина.

Кулеба објасни дека тет-а-тет средбата и разговорите со Дендиас ги започнале во неговиот кабинет во Министерството за надворешни работи на Украина, меѓутоа поради сирените биле принудени да се симнат во подрум, при што оцени дека продолжувањето на разговорите и прес конференцијата во скривницата е еден вид порака и има симболично значење.

Шефот на украинската дипломатија му се заблагодари на Дендиас, како за хуманитарната, така и на воената помош, посочувајќи дека оклопните возила од Грција денеска пристигнуваат во Украина „за да може земјата да го брани нејзиниот интегритет“. На средбата, рече, го покренал и прашањето за системите за противракетна одбрана на земјата.

Дендиас рече дека неговата посета има и симболика, за да ја изрази солидарноста на грчката Влада и грчкото општество за Украина и украинскиот народ, истакнувајќи дека Грција ги осудува нападите „кои претставуваат воени злосторства“.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Потенцираше дека за Грција, „почитувањето на меѓународното право и на територијалниот интегритет и суверенитет на сите земји, е „светото Евангелие“ на надворешната политика“.

„Никој не може да ве разбере подобро од Грците. Затоа што и Грците имаат голем сосед на исток. Сосед кој издаде закана од војна, ‘casus belli’, против нас. Сосед кој повикува на демилитаризација на нашата територија, додека собира големи сили веднаш спроти нашите граници. Сосед кој незаконски тврди дека дел од нашата територија е нивна. Сосед кој постојано кажува дека може да дојдат ненадејно ноќе. Сосед кој вели дека доколку не се поклониме пред неговите желби, ќе ја имаме судбината на Украина“, истакна Дендиас и порача дека победата на Украина ќе значи победа на меѓународното право против бруталната сила.

Двајцата министри на денешната средба потпишаа Меморандум за разбирање во областа на дипломатската обука.

Пред средбата во украинското МНР, Кулеба и Дендиас го посетија споменикот на паднатите борци, каде што шефот на грчката дипломатија положи свежо цвеќе.

МИА

- Реклама -