Наскоро, така наречената „куќа на стравот“ во скопската населба Црниче ќе замине во историјата, а на нејзино место ќе се подигне нов објект. Сопственикот на ова здание, Крсто Велјановски вели дека во куќата нема никакви духови и дека сето тоа се само шпекулации.
Во интервјуто за дневниот весник „Вест“, Велјановски изјави: „Тоа се големи невистини. Слушнав дека фаќале духови и многу шпекулации поврзани со тоа, но јас тврдам дека во неа нема ништо. Планирам за кусо време да ја урнам бидејќи на нејзино место ќе се гради нов објект“.
Граѓаните што живеат непосредно до оваа куќа најчесто се жалат на бучавата и смрдеата што оттаму се шири, затоа што местото било дувло на наркомани и збиралиште на бездомници. Од општината Кисела Вода немаат информации за уривањето, ниту за новата градба, бидејќи не можеле да стапат во контакт со сопственикот.
Според легендата, оваа куќа е подигната во 1921 година и била во сопственост на семејство што тука се доселило од Црна Гора. Од моментот кога мажот, жената, синот и двете ќерки, инаку добро ситуирани, се преселиле во новото здание, започнале да доживуваат несреќи.
Едното девојче, на 15 години, паднало од коњ, во близина на куќата и починало на лице место. Малку потоа, нејзината сестра отишла да наполни вода од бунарот, во кој паднала и се удавила. Момчето умрело по кратко боледување од непозната болест. Мајката, потресена од смртта на сите нејзини деца, сама си го одзела животот, а кратко по нејзината смрт се самоубил и таткото.