Куче осудено на доживотна робија…

Пит-булот кој го растргна лицето на едно 4-годишно момче, во Февруари, годинава, ќе отслужи доживотна казна затвор за ова негово криминално однесување. Така пресуди судијката задолжена за случајот, во судот во Феникс. Наместо да биде усмртено, кучето ќе го помине остатокот од животот кастрирано, во прифатилиште за животни.

Сопственик на кучето е бебиситерката на 4-годишникот, а нападот се случил во нејзиниот двор, кога детето дотрчало до куќичката на пит-булот Мики, кој бил врзан со синџир, и се обидело да му ја земе коската. Кучето го загризало лицето на детето, и така стоело неколку минути. Момчето се опоравува, но морало да подлежи на неколку тешки операции.

Иако и семејството на жртвата, и сопственичката на кучето се согласиле на еутаназија, докторите (одвај) успеале да ја убедат судијката дека во случајот голем дел од вината лежи кај возрасните, па пит-булот доби „поблага казна“.

Кучето ќе ја издржува казната во прифатилиштето под надзор на озлогласениот локален шериф, кој веројатно ќе го третира песот многу подобро отколку затворениците.

Асистент од прифатилиштето за животни, за еден локален весник, изјави: „Ако ние, сопствениците на миленици, запреме и размислиме за нашиот начин на живот и видот на расите што ги чуваме, тогаш еутаназијата нема да е проблем кај агресивните кучиња. Проблемот е во неинформираниот и непромислениот избор на раси на кучиња, што предизвикува овие животни да се најдат во ситуација да повредат некој“.

Колку и да сочуствуваме со момчето, се чини дека никој не го гледа „огромниот розев слон во собата“, што го прави неизбежно прашањето: „Разум бре, каде замина?“

- Реклама -