Благодарение на познанството со францускиот поет Пол Елијар и одличното познавање на шпанскиот јазик, француската уметница-сликарка, поет и фотограф – Дора Мар (Dora Maar; вистинско име Хенриет Теодора Маркович) во 1936, на терасата на Café les Deux Magots во Париз, го запознава шпанскиот сликар Пабло Пикасо. Познанството со Пикасо целосно ќе ѝ го промени животот, и како жена, и како уметница. Тој ден, за само неколку моменти, Дора Мар ќе го освои Пикасо. Наводно, од својата торба извадила нож и почнала да го забива меѓу прстите, носејќи ракавици. Но притоа се повредила со острилото на ножот, а ракавицата се прекрила со црвени дамки од крв. Пикасо бил изненаден, но и воодушвен од таа глетка, па ја замолил Дора да му ја подари својата крвава ракавица, која подоцна ќе ја чува во своето ателје.
Пред Дора, Пикасо бил во брак со руската балерина Олга Хохлова, а по неа, во врска со својата моделка – 17-годишната Французинка Марија Тереза Валтер. Врската со Марија, Пикасо ја завршил веднаш откако ја запознал Дора. Постои една анегдота околу крајот на таа врска – дека наведно Дора и Марија се степале во ателјето на Пикасо. Пабло наводно уживал во глетката и рекол „нека победи подобрата“.
Автентичноста, хиперсензитивноста и сензуалноста на Дора станале инспирација за Пикасо. За време на нивната бурна љубовна врска, која траела од 1936 до 1943 година, Пикасо насликал десеттина портрети од Дора, а како инспирација му послужила и за познатата слика „Герника“ (1937), во која Мар исто така е овековечена. Дора е и единствениот фотограф кој успеал да го документира создавањето на Герника, од почетната па до финалната фаза.
Пред познанството со Пикасо, Дора веќе била ценет фотограф. Во 1927 започнала студии по сликарство во Париз, но набрзо се префрлила на отсекот за фотографија. По завршувањето на студиите била почитувана во кругот на надреалистите, од кои најпознати биле францускиот поет Андре Бретон (авторот на „Надреалистички манифест“), фотографот Мен Реј, сликарите Салвадор Дали и Рене Магрит и други. Дора, како припадник на ова движење – во склад со неговата идеологија и однос кон уметноста, потпирајќи се на основите на дадаизмот и симболизмот, потполната уметничка слобода на изразувањето – експериментира со фотографија, фото-монтажа, портрети, актови, движења, светло и сенки. Така создава комплетно уникатни дела, надреалистички „обоени“ колажни фотографии кои ја акцентираат силата на имагинацијата и „несвесното“, во целост задоволувајќи го концептот во кој ирационалното преовладува над рационалното.
Иако шансите биле големи да стане прославен фотограф, Дора, по наговор и инсистирање на Пикасо, целосно се одрекува од фотографијата и му се враќа на сликарството. Уменик каков што бил Пикасо, не можел адекватно да го сфати концептот на модерната фотографија (или суетата тоа не му го дозволувала), па сметал дека фотографијата нема голема вредност. Згора на тоа, му одговарало да биде во улога на „ментор“, но Дора никогаш не успеала во целост да ги задоволи неговите сликарски замисли, кои воглавно се сведувале на тоа и Дора да се вклучи во неговиот свет на кубизмот, каде Пикасо бил неприкосновен владетел. Во таа смисла, сликите на Дора повеќе личеле на имитации на Пикасо, отколку на лични уметнички слободни дела.
Со напуштањето на фотографијата и враќањето кон сликарството, потполно маѓепсана од личноста на Пикасо кого често го идеализирала, Дора ќе го запостави она најдоброто во себе и ќе потоне во сенката на Пабло, никогаш непризнаена како добар сликарски мајстор, туку запаметена како само една од љубовниците и музите на уметникот. Оваа нејзина одлука ќе значи и крај на нејзината уметничка кариера и враќање во анонимноста, во која оваа необична жена всушност никогаш не ни припаѓала.
Промените во расположението на Дора и постојаната депресија (бидејќи не можела да има деца), се видливи и во сликите на Пикасо. Наводно, мајка ѝ во детството толку ја тепала и малтретирала што останала стерилна. Пикасо ја опишува како „жена во солзи“ или како „убавата и тажна Дора“, лик кој ќе го инспирира и настанувањето на сликата „Жена што плаче“ (Weeoing Woman), но и на други слики на кои исто така е видлив тажниот израз на Мар. Пикасо велеше дека никогаш не би можел да нацрта Дора што се смее. На неговите слики нејзиното лице како да е искривено од болка и горчина, и расцепено на пола со јасни линии. Тој ја прикажува како убава, осамена, мистична, замислена жена, со длабоки тажни очи.
По прекинот на љубовната врска со Пикасо, Дора е целосно скршена и се оддава на осаменички живот, изолирана од пријателите и светот на кој порано му припаѓала. Пикасо ја остава заради четириесет години помладата француска сликарка Франсоаз Жило. Мар продолжува да живее потполно сама во својот стан во Париз, опкружена со предмети кои Пикасо ѝ ги подарил. По нејзината смрт, во станот се најдени бројни вредни уметнички предмети, десетина Пикасови масла на платно, скулптури, накит, цртежи, книги, графики, илустрации, писма. Дора, иако живеела многу скромно и повлечено до крајот на животот, никогаш не продала ниту еден предмет кој ѝ бил подарен од уметникот. Нејзините фотографии, исто така најдени во станот, постхумно достигнуваат многу висока цена на уметничкиот пазар.
Нејзината најпозната фотографија е „Пере Убу“ (1936) и е воедно доказ дека Дора Мар била типичен претставник на европската авангарда во своето време. На оваа фотографија е прикажано едно мистично битие кое само на прв поглед изгледа застрашувачки, но неговите очи укажуваат на добронамерност и потреба тоа да биде прифатено, бидејќи со погледот вели „прифатете ја мојата различност, таа е убава“. Оваа фотографија воедно и ја потврдува припадноста на авторката во правецот на „сонувачки идеализам“. Интересни се и нејзините фотографии од слепи улични музичари, а и многу други.
Прочуениот фотограф-надреалист Мен Реј ја има фотографирано Дора и е творец на нејзините најубави портрети на кои јасно се гледа убавината и мистичноста на оваа жена. За нејзиниот уметнички свет и талент зборуваат нејзините дела, а за фаталноста на врската со Пикасо зборува нејзиниот животен опис по разделбата. Умрела сама, во станот во Париз, а на погребот ѝ биле само седум луѓе. За нејзиниот живот почнува да се пишува дури посмртно, кога и нејзините дела стигнуваат во јавноста.
Дали Дора влијаела на Пикасо и неговата уметност? Секако. Во време на нивната љубов Пикасо создава дел од најголемите уметнички дела, вклучувајќи ја и споменатата Герника. Дора, во меѓувреме, има изјавено дека „сите мажи се крадци на идеи, а дека Пикасо е големиот киднапер“. Овој податок донекаде сугерира дека Дора несебично ги споделувала своите идеи со Пикасо, иако, како што велела самата, „резултатот секогаш е само Пикасо“. Уметникот, пак, го опишувала како „гениј, живот и раздор“. Зборувала дека нивната љубов е „луда љубов, а кога се повлекла, останало само лудилото“.
Ако е убавината во очите на тој што набљудува, а уметноста во рацете на уметникот, рацете на уметникот сепак некој треба да ги помрдне.