Првиот кросовер на Bentley продолжува со напорната тест програма, овој пат испитувањата се одвиваат во зимски услови. Прототипот на автомобилот беше снимен од неколку шпиунски фотографи, а од она што може да се види остава впечаток дека машината е речиси без камуфлажа.
Очекувањата се луксузниот кросовер да се појави на пазарот во 2016 година и првично Bentley Bentayga ќе биде опремен со бензински W12 мотор, а во подоцнежна фаза ќе се појават уште две верзии – една со дизел V8 и една со хибриден агрегат.
Познато е дека кросоверот на Британците ќе користи платформата на Audi Q7, Volkswagen Touareg и Porsche Cayenne, но суштински ќе се разликува од овие три модели. Според креаторите на Bentayga тој ќе биде еден од најбрзите модели во сегментот, а ќе може да развива максимална брзина од 320 km/h.
Од Bentley веќе објавија дека добиле повеќе од 4.000 нарачки за возилото. Со неговото излегување на пазарот компанијата ќе се обиде да ја постигне својата цел – во 2020 година да продава по 20.000 автомобили годишно. Минатата година компанијата забележа 11.020 продажби, што е за 9% повеќе од 2013 година.