Главниот координативен кризен штаб на Владата за спречување на ширење на коронавирусот, денеска ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките. Се очекува истите да бидат усвоени на утрешната Владина седница.
Како што посочуваат од Главниот кризен штаб, олабавувањето на мерките е прифатено по исцрпна дискусија, имајќи ја во предвид поволната епидемиолошка состојба во државата: намалување на 14-дневната инциденца (бројот на нови случаи), намалувањето на односот на позитивни лица од тестираните за Ковид-19, намалување на бројот на активни случаи и намалување на бројот на хоспитализации.
Оттаму, донесени се следните предлог-препораки:
1. Укинување на мерката носење на заштитна маска на отворено со препорака за носење на маска кога лицата се во поголема група. Останува на важност мерката за задолжително носење на заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори.
2. Дозволено присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено – до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување на растојание помеѓу посетителите од 1.5-2 метри (три седишта) и со доследно применување на мерките за заштита од КОВИД-19.
3. Укинување на забраната за групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица.
4. Дозволено организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50% од капацитетот на просторот и до максимум 6 лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата. Присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол.
5. Во угостителските објекти, зголемување на дозволениот број на лица на една маса. Наместо 4 како досега, на една маса да можат да седат 6 лица, со обезбедување на препорачаната дистанца меѓу нив.
6. Укинување на мерката за работа во смени и од далечина – член 3 т. 14 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест КОВИД-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2,случаите и временскиот период на нивна примена („Сл.В.РСМ“ бр.263/20)
Главниот координативен кризен штаб на Владата ја прифаќа и препораката да остане во сила полицискиот час, до 15 јуни 2021 година.
Новите „мерки“ ќе бидат усвоени на утрешната Владина седница и ќе почнат да важат уште истиот ден (1 јуни 2021 година).