Германскиот збор на годината за 2023 година е „кризен режим“ (krisenmodus), одлучи стручното жири од лингвисти од Друштвото за германски јазик (GfdS) од Визбаден.
Како што се наведува во соопштението, кризи секогаш имало, но сега се чини дека ги има толку многу што се „новата нормала“.
Изборот на зборот на годината го одразува расположението на јавноста, загрижена за повеќекратните кризи во светот – од војната во Украина и војната меѓу Израел и Хамас, до климатските промени, инфлацијата и проблемите со германската влада која нема буџетски план, според Ројтерс.
„Изборот ја одразува реалноста, а реалноста во моментов е прилично мрачна“, вели директорката на GfdS, Андреа Евелс.
Општеството е во „кризен режим“ од 2020 година, со оглед на пандемијата на коронавирусот, нападот на Русија врз Украина, енергетската криза, лошата ситуација во образованието и нападот врз Израел од страна на терористичката милитантна група Хамас, потенцира таа.
„Вонредната состојба стана постојана состојба. Ова предизвикува страв, несигурност и немоќ кај луѓето. Овие чувства доминираат во секојдневниот живот и не знаете што ќе се случи понатаму“, констатира Евелс.