Кривична пријава поради Фејсбук закана до опозициските пратеници кои гласаа за уставни измени

СВР Скопје, во соработка со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, ќе поднесе кривична пријава против 38-годишниот А.Н. од Коњари, скопско, поради споделена објава-коментар на Фејсбук со која, како што се вели во соопштението на МВР, „предизвикал загрозување на сигурноста на пратеници во Собранието на Република Македонија“ (чл.144 од КЗ) и поради „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ (чл.394-г од КЗ).

Во домот и други простории на А.Н. вчера бил извршен и претрес, при што се пронајдени и одземени предмети во интерес на истрагата, а лицето е повикано на службен разговор во полициска станица.

„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи. Ги повикуваме сите граѓани кои се изложени на вакви закани или сведочат вакви закани, истите да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk

Прочитајте и:  Мицкоски: Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот, ќе се покаже кои се пратениците

Министерството за внатрешни работи нема да толерира закани по живот на граѓани и повици за насилство и ќе ги презема сите потребни мерки за зачувување на јавниот ред и мир“, велат од МВР.

Првиот човек на МВР – Спасовски, информираше и дека сите 80 пратеници кои гласаа „за“ се под 24-часовна полициска заштита, бидејќи безбедносните процени укажале на висок ризик за нарушување на безбедноста. Што се однесува до заканите по животот на пратениците кои продолжуваат да се шират на социјалните мрежи, Спасовски информираше дека постојат сомневања дека зад нив стои одредена група блиска до иницијативата „Бојкотирам“, пренесува Канал 5. Министерот за внатрешни уште еднаш порача дека сите кои шират говор на омраза ќе бидат соодветно санкционирани.

 

- Реклама -