Кривичен му одреди 30-дневен притвор на осомничениот за убиството кај „Мавровка“

Притворот, како што информираат од Судот, е одреден по три основи од членот 165 став 1 од Законот за кривична постапка (ЗКП), односно поради опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание на сведоци и повторување на делото

Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Обвинителството и му определи мерка притвор на 39-годишниот Е.К., осомничен за убиството на Васил Е. што се случи вчера на паркинг-просторот зад трговскиот центар „Мавровка“ во центарот на главниот град. 

Зградата на Основниот кривичен суд Скопје / Фото: Архива

„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, за определување мерка притвор против Е.К. од Скопје, осомничен за две кривични дела убиство и убиство во обид , како и едно кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и трговија со огнено оружје, а поврзано со вчерашното убиство на паркингот кај ТЦ ‘Мавровка’, по сослушување на осомничениот во присуство на неговиот бранител, донесе решение со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена“,  

се вели во соопштението од скопскиот Основен кривичен суд.

Притворот, како што информираат од Судот е одреден по три основи од членот 165 став 1 од Законот за кривична постапка (ЗКП), односно поради опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание на сведоци и повторување на делото.  

Против решението на судијата на претходна постапка, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, посочуваат оттаму.  

Претходно денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на Фејсбук напиша дека СВР Скопје целосно ги расчистил кривичните дела убиство и убиство во обид што вчера беа извршени на паркинг-просторот зад трговскиот центар „Мавровка“. 

Првото кривично дело, како што информира министерот, е убиството на Васил Е., а второто е сторено при престрелка на осомничениот скопјанец Е.К.(39) со полицијата во населбата Чаир.  

Тошковски информираше за активностите што биле преземени од полицијата за расчистување на случајот и дека по обезбедување на целокупниот доказен материјал против осомничениот е поднесена кривична пријава по брза постапка.  

Тој дополнително сподели со јавноста дека за второто лице, кое беше приведено вчера, досега не е утврдена повразност со настанот и е пуштено на слобода. Во меѓувреме полицијата полицијата продолжува да трага по уште едно лице за кое постои сомневање дека помагало во извршувањето на кривичното дело убиство. 

Паралелно, Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека е отворена истражна постапка против едно лице за вчерашното убиство кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. 

Осомничениот за убиството кај ТЦ „Мавровка“ / Фото: Принтскрин од видео на МВР

Според Обвинителството, убиството е извршено со умисла и од користољубие со пиштол марка „глок“, калибар 9 милиметри, што осомничениот го поседувал без дозвола. 

„Осомничениот, на паркинг-просторот на улицата ‘Филип Втори Македонски’ во Скопје, зад ТЦ ‘Мавровка’, со умисла и од користољубие, лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил ‘ауди’ без регистарски ознаки. На местото пристигнало и второ возило ‘ситроен’ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило“,

велат од Обвинителството. 

Автомобилот „ситроен“ вториот осомничен го оставил во населбата Гази Баба и се качил во автомобилот „ауди“ по што продолжиле да се движат. На улицата „Стојна Стефкова“ во населбата Чаир биле пресретнати од полицијата по што следувала престрелка. 

Убиството се случи вчера (20 август) на паркингот меѓу станбените згради и трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. „360 степени“ објави дека жртвата е лицето Васил Е. и дека тој не е адвокат, како што се известуваше од повеќе медиуми во текот на денот. Васил Е. е роден 1965 година, живеел и работел во Скопје, а по потекло е од Струмица.

- Реклама -