Критики од поранешни пратеници за „Сејф сити“: Брзината од 51 км/час не е престап, воведете зелен бран!

По почетокот на пробниот период на системот „Безбеден град“, кој во првите часови регистрираше повеќе од 65.000 сообраќајни прекршоци, дел од поранешните пратеници остро реагираат на новата сообраќајна реалност во Скопје. Експратеникот Рубин Земун јавно ја критикуваше работата на Министерството за внатрешни работи, по примањето на три електронски опомени за наводно пречекорување на брзината.

„Господа од МВР, време е да размислите и за граѓаните. Треба да направите зелен бран на Партизанска, за да може со брзина од 40 км/час да се поминат барем 5-7 раскрсници, а не да фаќаме црвен бран од едниот до другиот крај на Сити Мол. Денес добив три опомени од системот ‘Безбеден град’ за возење со 51, 54 и 56 км/час. Можеби 56 е прекршок, но 51 и 54?! Оваа 56 е поради стигнување на ‘зелено’, а овие 51 и 54 воопшто не знам! Веројатно и брзинометрите треба да се проверат. Слушам денес имало над 60.000 прекршувања до 15 часот! Сигурно две третини од нив се со брзини под 55 км/час. Ќе биде катастрофа!“, напиша Земун.

Сличен став има и експратеничката Маја Морачанин, која ја поддржа идејата за воведување на зелен бран по главните сообраќајници во Скопје. „Целосно се согласувам со предлогот за зелен бран. Солун е одличен пример. Ако возите 40, нема застој. Зелен бран треба да биде проследен и за пешаците. На раскрсницата Теодосиј Гологанов – Св. Климент Охридски во Центар, зелено светло за пешаци трае само неколку секунди, што значи дека можеш да стигнеш само до половина од булеварот. Затоа многу пешаци поминуваат на црвено“, напиша таа.

Овие реакции пристигнуваат само еден ден по стартувањето на системот „Безбеден град“, кој во првите 12 часови регистрираше илјадници возачи со минимални пречекорувања од неколку километри над дозволеното.