Како што реков во претходната „Ода на критиката“ – Девојките во долги врски, вината за неуспесите во долгите врски се крие во двата пола подеднакво…Паричката има две страни, нели? Момци, сега вие сте на ред…
1. Се запуштате
Очигледно запуштањето во долгите врски е двонасочно… уште полошо! Тоа што ја освоивте, импресиониравте и ја натеравте да ја бакнува земјата по која одите не ви дава за право: да не се бричите и средувате, да не се шишате, да се здебелите, да почнете да се чешате на незгодни места и да испуштате непријатни звуци и мириси во нејзино присуство без никакви задршки. Се е прифатливо и комплетно безопасно сè додека не се претвори во навика… и ние, како и вие, ве сакаме такви какви што ве запознавме. Никогаш нема да ви кажеме ама никогаш нема ни да ни биде неважно.
2. Ги заборавивте комплиментите
Секоја вечер почнуваше со „Прекрасна си“ , секоја нова фризура беше забележана, дури имавте и омилени парчиња облека… кога престанавте да забележувате момци? За девојките, ако порано комплиментите постоеле а сега веќе не, тоа значи дека порано и таа постоела за вас а сега веќе не. Можеби звучи драматично, но за нас ова е вистински аларм. Делува уништувачки на нашата самодоверба и на сигурноста дека сè уште сте лудо заљубени во нас. Изненадете ја и докажете ѝ дека таа сè уште е единствената… кажете ѝ дека е прекрасна кога најмалку очекува… Јас сум жена, верувајте ми.
3. Станувате нетрпеливи
Признајте дека порано некако помалку работи ви одеа на нерви. Станувате нетрпеливи со нас по некое време и си земате слобода да збеснувате и на најмали ситници само поради тоа што поминало долго време. Понекогаш дури и се случува да си ја истрпиме и лутината за вашата работа и стресот низ кој поминувате. Не нè критикувајте, дозволете ни да ве утешиме и опуштиме. Замислете си… мислевме дека имаме смирени и опуштени момци што прилично добро се контролираат а сега гледаме пред нас гледаме момци што збеснуваат при избор на ресторан, кога ќе се задржиме на работа или слично, нешта за кои нашиот сакан што ние го познаваме никогаш не би ги ни зел предвид… што ви станува?
4. Го укинавте зборот компромис!
Порано можевме и двајцата да ги измиеме чиниите а сега вие сте закотвени пред телевизорот или ве мрзи или немате време или сте изморени или не знам веќе што… порано можеше да гледаме и по некоја романтична комедија а сега постои само фудбал и акции. Дозволете да ве потсетам: компромисот не е привремена мерка или состојба во која треба да глумите само додека да нè „уловите“. Бидете подготвени на компромис од почетокот до крајот… или воопшто не почнувајте…
5. Заборавате
Се будиме на денот на нашата годишнина и не можеме да дочекаме да ви го дадеме подарокот… го земате и одеднаш… тој збунет лик кажува сè… заборавивте, нели? Едноставно не знам како да ви доловам колку боли, разочарува и плаши кога ќе заборавите било каков датум или настан или обврска што била договорена или што има било какво значење за нас како пар. Не знаеме што попрво: дали да ви се налутиме што сте заборавиле бидејќи тоа го разбираме како комплетно непочитување; дали да плачеме затоа што сме преплашени дека оваа врска повеќе ништо не ви значи и ние ве губиме… Знаејќи го сево ва, на наше место, зарем вие би си простиле туку така?
Признавам дека понекогаш личиме како кралици на драмата, понекогаш тоа и сме но, момци… ние само ве сакаме. Ја сакаме нашата забавна, динамична, позитивна, рамноправна, интензивна врска, баш како на почетокот! Го сакаме назад оној кој порано нè масираше кога бевме уморни, оној кој ни купуваше по некој цвет без причина, кој ни подготвуваше јадења и кој едвај чекаше да побегне со нас на некоја авантура, макар и на еден ден! Кога ќе забележиме дека сè ова исчезнува, вистински и до срж се растажуваме бидејќи не знаеме како да ве вратиме.
Ако не сакате да нè изгубите, не дозволувајте да ве изгубиме!