На први септември, Крис Колбурн се приклучи на рудникот за олово и цинк САСА од Македонска Каменица, како нов генерален директор. Досегашниот генерален директор на САСА, Скот Јеланд се врати на позицијата главен оперативен директор на Централ Азија Металс.
Крис Колбурн е квалификуван рударски инженер и експерт од областа на управување и економика на минерални суровини. Тој е искусен професионалец, кој повеќе од 34 години извршувал најразлични одговорни задачи и функции во рударската индустрија на глобално ниво. Својот професионален развој го започнал веднаш по завршувањето на студиите на реномираната школа за рударство „Camborne School of Mines“ во Корнвол, Велика Британија, како рударски инженер. Напредувал до управител на еден од најголемите светски подземни рудници за платина во Јужна Африка. Својата кариера ја продолжил во Австралија, каде управувал со значајни подземни и површински рударски операции за златна и железна руда. Голем дел од својата досегашна професионална кариера ја поминал и како главен советник и раководител на тимови одговорни за развој и воведување нови технологии во нови и постојни рудници, како и минерални истражувања и отворање наоѓалишта кои се управувани од најголемите рударски компании во светот.
Назначувањето на Крис Колбурн за нов генерален директор на САСА е дел од долгорочната стратегија за одржлив развој на САСА, поставена од страна на инвеститорот – компанијата Централ Азија Металс од Лондон.
„Моите први впечатоци од тоа што досега го видов во САСА се одлични. Во изминатите неколку години направени се сериозни вложувања во модернизација на рудникот, а постигнати се и значајни резултати во поглед на безбедноста и благосостојбата на вработените, како и во заштитата на животната средина, што и понатаму ќе бидат нашите главни приоритети. Веднаш се уверив дека во САСА работи исклучително посветен, стручен и искусен кадар. Верувам дека со моето досегашно искуство и знаење, тимска работа и поддршката што ја добиваме од нашите инвеститори од Централ Азија Металс, заеднички ќе ги оствариме сите поставени цели за натамошен одржлив развој на САСА од што придобивки ќе имаат сите“, изјави Крис Колбурн, по стапувањето на функцијата.
Новиот генерален директор на САСА најави дека компанијата под негово раководство ќе продолжи со реализацијата на капиталните инвестиции кои треба да овозможат уште поефикасно работење и продолжување на работниот век на рудникот. Со вложувања во професионалниот развој и благосостојбата на вработените и во општествено одговорни проекти, САСА и понатаму ќе придонесува за просперитетот на заедницата.
* Комерцијален текст